Баерн го совлада Тигрес со 1-0 во финалето на Светското клупско првенство одиграно вечерва во Ал Рајан, Катар. Баварците станаа светски прваци по вторпат (претходно го освоија трофејот во 2013 година).

Бенжамин Павар во 59-та минута го постигна единствениот гол за актуелниот европски првак во триумфот над шампионот на Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ). Мексиканците му парираа на фаворизираниот противник, но не успеаја да создадат посериозни прилики за гол, додека Баерн напаѓаше во текот на целиот меч.

Баерн на тој начин ја освои вкупно шестата титула во рок од 12 месеци, повторувајќи го успехот на Барселона, која оствари таков подвиг во 2009 година кога ги освои сите шест домашни и меѓународни трофеи во една сезона. Германскиот клуб претходно стигна до трофеите во Лигата на шампионите (ЛШ), Суперкупот на УЕФА, Суперкупот на Германија, Бундес-лигата и во Купот на Германија.

Египетски Ал Ахли славеше над бразилски Палмеирас во мечот за третото место, на пенали 3-2, откако резултатот беше 0-0 по 120 минути игра.