Фото: Твитер-профил на Лигата на шампионите

Барселона е елиминирана од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) откако загуби од Баерн со 0-3, на вечерашното гостување во Минхен кое се одигра без присуство на публика. Томас Милер стана само осмиот фудбалер во историјата на ЛШ со 50 гола кога во 34-та минута го отвори резултатот, Лирој Сане зголеми на 2-0 во 43-та минута, а Џамал Мусијала го постави конечниот резултат во 62-та минута.

Каталонците не успеаја да изборат пласман во нокаут-фазата на ЛШ за првпат по сезоната 2000-2001. Завршувајќи на третото место во групата зад Баерн и Бенфика, тие ќе продолжат во Лига Европа, натпреварување во кое ќе играат првпат, откако последен пат учествуваа во поранешниот Куп на УЕФА во 2004 година.

Шпанска Севилја исто така ќе игра во Лига Европа бидејќи заврши зад Салцбург и Лил во групата Г, по вечерашниот пораз во Австрија од 0-1.

Последниот учесник во осминафиналето на ЛШ ќе биде познат утре, откако мечот Аталанта – Вилјареал во Бергамо беше одложен поради силниот снег во северна Италија. На Аталанта и е доволно реми за второто место во групата, додека Вилјареал мора да победи.

Првопласирани: Манчестер сити (Анг), Ливерпул (Анг), Ајакс (Хол), Реал Мадрид (Шпа), Баерн Минхен (Гер), Манчестер јунајтед (Анг), Лил (Фра) и Јувентус (Ита).

Второпласирани: Пари Сен Жермен (Фра), Атлетико Мадрид (Шпа), Спортинг Лисабон (Пор), Интер (Ита), Бенфика (Пор), Салцбург (Авт), Челси (Анг), Вилјареал (Шпа)/Аталанта (Ита).

Во Лига Европа продолжуваат: Барселона (Шпа), Севилја (Шпа), РБ Лајпциг (Гер), Порто (Пор), Борусија Дортмунд (Гер), Шериф Тираспол (Мол), Зенит (Рус), Аталанта (Ита)/Вилјареал (Шпа).