Баерн ја „растури“ Барселона победувајќи ја со 8-2. Петкратниот европски првак, Баерн, кој игра фантастично сезонава во ЛШ, ги доби сите 10 меча, постигна 39, а прими само сум гола. Осумте гола што ѝ ги даде на Барселона се најмногу за еден тим во ЛШ, по Реал, кој осминафиналето во сезоната 1990/1991 го совлада австрискиот Вакер Инсбрук со 9-1. Баерн по 12-ти пат е во полуфиналето, еднаш помалку од Реал (13).
Роберт Левандовски, кој даде еден гол (вкупно 14 сезонава), стана првиот играч што постигнал гол на осум натпревари во низа во ЛШ, по Кристијано Роналдо во април 2018-та, на 11 натпревари.
Тренерот на Баерн, Ханс-Дитер Флик, е третиот тренер во историјата на ЛШ што триумфирал на првите шест меча, по Фабио Капело во 1992/1993 и Луис Фернандез во сезоната 1994/1995-та.

Каталонците по четврти пат во последните пет сезони се елиминирани во оваа фаза. Тие го доживеаја најтешкиот пораз, попрецизно понижување, со шест гола разлика, првпат по оној од Еспањол (0-6) во 1951-та. Пет години претходно, во 1946-та, Барса првпат прими осум гола, од Севилја, а не постигна ниеден!
Очигледно е дека на Барса ѝ претстои генерален ремонт, односно драстично подмладување, што се забележува и од податокот дека просечната возраст на стартните 11 на дуелот со Баерн изнесуваше 29 години и 329 дена, што е најстар состав во историјата на ЛШ. Прв што ќе настрада, тоа повеќе од сигурно, е тренерот Кике Сетиен, а како негови наследници се спомнуваат Маурицио Почетино, Роналд Куман и Чави.