УЕФА планира за мечот на 24 септември арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта да биде исполнета со 30 отсто од капацитетот

ЗА ФУДБАЛСКИОТ СУПЕРКУП

Победникот во Лигата на шампионите, Баерн, ќе се сретне со победникот во Лигата на Европа, Севилја, во арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, на 24 септември, за Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), која за двата клуба предвиде по 3.000 влезници. УЕФА планира арената во Будимпешта да биде исполнета со 30 отсто од капацитетот.
Навивачите на двата клуба имаа рок до вчера да се пријават за купување влезници. Секој може да добие најмногу по две влезници. Овој натпревар ќе биде и како пилот-програма на УЕФА, оти фудбалот се обидува полека да ги врати гледачите на стадионите по пандемијата на коронавирусот.
УЕФА го објави и протоколот, според кој, меѓу другото, гледачите ќе мора да имаат негативен тест на коронавирус не постар од три дена, потоа на стадионот да одржуваат растојание од 1,5 метар едни од други, да носат постојано маски, на влезот на стадионот ќе им биде мерена температура (тие со 37,8 или повеќе нема да можат да влезат) итн.