Баварците триумфираа 14-ти пат во низа во ЛШ, во меч во кој Левандовски постигна два гола и сега има 70 во ЛШ, еден помалку од Раул, третопласираниот на листата на стрелците, на која води Роналдо со 130 гола

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Убедливите победи на гостувањата за Борусија Менхенгладбах, Ливерпул и за Баерн, над Шахтар (6-0), Аталанта (5-0), односно над Салцбург (6-2), 35-те гола на осумте меча и двата хет-трика, на Французинот Алесан Пли (Борусија М.) и на Португалецот Диого Жота (Ливерпул), први за нив, го обележија третото коло во групите А, Б, Ц и Д, во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ).
Баерн, бранителот на титулата со триумфот над Салцбург ја продолжи победоносната серија во ЛШ, сега на 14 меча, серија што почна со почетокот на минатата сезона. Два гола постигна Роберт Левандовски, лани најефикасниот во ЛШ, кој стигна до бројката од 70 погодока во елитното меѓународно клупско натпреварување, и е четврти на голгетерската листа, зад Кристијано Роналдо (130 погодока), Лионел Меси (117) и за Раул (71).
Левандовски (32) сезонава за Баерн веќе постигна 12 гола на 10 меча во сите натпреварувања, како и два гола на два дуела за Полска. Од доаѓањето во Баерн, од Борусија Дортмунд, во јули 2014 година, тој постигна 257 гола на 297 натпревари или вкупно повеќе од 400 погодока на клупски план, како и 63 погодоци на 114 меѓународни натпревари. Во ланската сезона, во која Баварците освоија три трофеи (во ЛШ, Бундес-лигата и во Купот на Германија) Левандовски постигна 59 гола на 53 меча.

Ливерпул ја забележа третата победа сезонава во ЛШ. Повторно блескаше Португалецот Диого Жота постигнувајќи три гола (хет-трик), за него вкупно седум погодока на 10-те натпревари за Ливерпул. Жота, кој постигнува гол на четири меча во низа, е 10-от играч на „црвените“ што може да се пофали со хет-трик во ЛШ (порано Куп на шампионите). На таа листа се Тери Мекдермот (1980 година), Греам Сунес (1980 и 1981), Џон Ворк (1984), Иан Раш (1984), Мајкл Овен (2002), Јоси Бенајун (2007), Филипе Кутињо (2017) и Садио Мане (2018). Покрај Жота, само на Овен и на Мане им успеало тоа на гостувањата. Мохамед Салах, пак, го постигна 21-от гол во ЛШ за Ливерпул со што го израмни рекордот на клупската легенда, Стивен Џерард.
– Играм во најдобриот тим во мојата кариера, тоа е сигурно. Не знам дали тоа беше мојот најдобар натпревар, но очигледно постигнувањето голови е мојот начин на играње фудбал, па затоа сум навистина презадоволен – изјави Жота за „БТ спорт“.
Резултати, 3. коло: група А: Локомотив – Атлетико 1-1, Салцбург – Баерн 2-6. Група Б: Шахтар – Борусија М. 0-6, Реал – Интер 3-2. Група Ц: Манчестер с. – Олимпијакос 3-0, Порто – Марсеј 3-0. Група Ц: Аталанта – Ливерпул 0-5, Митјиланд – Ајакс 1-2. 


НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ВО ЛШ

Кристијано Роналдо 130
Лионел Меси 117
Раул 71
Роберт Левандовски 70
Крим Бензема 67
заклучно со мечевите во вторникот