Во првите осминафинални натпревари неделава, победија гостинските тимови Баерн и Челси. Во средбите минатата недела гостински победи забележаа и Ливерпул, ПСЖ и Борусија Дортмунд, а дома славеше Порто. Синоќа играа Аталанта – Реал Мадрид и Борусија М. – Манчестер сити

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Бранителот на титулата, Баерн, забележа убедлива победа на гости над Лацио (4-1), во првиот осминафинален меч во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), по што речиси обезбеди пласман меѓу најдобрите осум екипи сезонава. И во вториот меч неделава победа на гостинскиот тим, откако Челси го совлада Атлетико, со 1-0. Во првите четири средби, минатата недела, гостински победи забележаа и Ливерпул, ПСЖ и Борусија Дортмунд, а дома славеше Порто.
Баварците и Полјакот Роберт Левандовски (32) како да се од друга планета, се наведува, меѓу другото, во извештајот на „Ен-би-си“. Левандовски го постигна првиот гол во деветтата минута, за него 72-от во ЛШ, еден повеќе од Шпанецот Раул, за трет најдобар стрелец, зад Португалецот Кристијано Роналдо со 134 и зад Аргентинецот Лионел Меси со 119 гола. Фудбалерите на Баерн постигнуваат еден гол и повеќе на последните 19 меча во ЛШ.
– Добра е ноќта кога ќе постигнете четири гола. Можеби немав толку многу шанси за погодок, но се обидов да се најдам во вистинските позиции и вкупно тој ран гол беше многу важен – изјави Левандовски, кој минатата сезона постигна 15 погодоци, плус шест асистенции на 10-те настапи во ЛШ.

Бројките зад името на Левандовски се навистина импресивни. Сезонава тој веќе има 32 гола и осум асистенции на 31 натпревар и е сѐ поблиску до ефектот од минатата сезона, кога постигна 55 гола и 10 асистенции на 47-те натпревари. Сметајќи ги и головите за Борусија Дортмунд, Левандовски постигна 278 гола и 65 асистенции на 320 натпревари. Четириесет од нив се од пенал. Во првата сезона во Баерн, Левандовски имаше најмали бројки, 25 гола и 13 асистенции на 49 натпревари. Оттогаш тој постигнува најмалку по 40 гола во секоја сезона и речиси е на одличен пат тоа да го повтори и сезонава.