Роналдо и Левандовски сезонава заедно постигнаа 76 гола во сите конкуренции

Роналдо е првиот фудбалер што постигна барем еден гол на сите мечеви во една сезона во ЛШ, вкупно 15 сезонава на 10 меча, како и 38 во сите конкуренции, колку што има и Левандовски во дресот на Баерн. Вечерва во Минхен е првиот меч од полуфиналето сезонава помеѓу Баерн и Реал

Баерн и Реал Мадрид, кои ги нарекуваат и „аристократи на европскиот фудбал“ поради освоените 17 европски титули (Реал 12, Баерн пет), вечерва во Минхен (20.45 часот) го играат првиот полуфинален дуел во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава.
„Кралевите“, кои осма година по ред се меѓу четирите најдобри тимови во ЛШ, вкупно по 29-ти пат (15 пласмани во финалето и 13 елиминации) се надеваат дека ќе испишат нови светли страници во пребогатата клупска историја и ќе бидат првиот тим што третпат по ред ќе триумфира во ЛШ, откако се игра според овој формат (од 1993 година).

Со слични амбиции се и Баварците, за кои ова е шесто полуфинале во последните седум сезони. Баерн веќе ја завери титулата првак на Германија, а обезбеди и настап во финалето на германскиот куп, на 19 мај. Тие посакуваат да им се повтори сезоната 2012/2013, кога ја освоија тројната круна – првак на Европа, на Германија и триумф во Купот на Германија, под водство на сегашниот тренер Јуп Хејнкес (72), кој седна на клупата во октомври лани како „спасител“ и ќе се повлече по завршувањето на сезоната. Хејнкес беше европски првак и со Реал, во 1998 година.

Главен адут на Реал, кој досега има 149 победи во ЛШ (и порано во Купот на шампионите – КЕШ) и најголемата опасност за Баерн ќе биде Кристијано Роналдо. Тој е првиот фудбалер што постигнал гол на сите шест меча во групната фаза (вкупно девет), а потоа и во осминафиналето и во четврт-финалето во ЛШ, вкупно 15 сезонава. На Роналдо му недостигаат само два гола за да го израмни сопствениот рекорд од 17 гола, колку што постигнуваше во сезоните 2013/2014 и 2015/2016 во ЛШ. Во сите конкуренции тој постигна 38 гола сезонава.

Кај Баварците централна напаѓачка фигура е Роберт Левандовски, кој постигна 18 гола на 17 меча во 2018 година, или вкупно 25 на 21 натпревар на арената „Алијанц“ во Минхен. И тој во сите конкуренции 38 пати ја тресеше мрежата на противниците сезонава.
Овие два тима досега меѓу себе одиграа 25 меча во ЛШ/КЕШ, од кои седум полуфинални, најмногу од сите европски тимови (со идентичен скор, по 11 победи и две ремија, и вкупна гол-разлика 36-37).

Статистика вели дека Реал ги доби последните пет меча против Баерн, со гол разлика 13-4. Лани во четврт-финалето Реал триумфира со 1-2 и 4-2.
Реал, односно тренерот Зинедин Зидан, нема проблеми со повредени или суспендирани играчи за вечерашниот меч, за разлика од Хејнкес, кој не ќе може да смета на повредените Артуро Видал, Кингсли Коман и голманот Мануел Ноер.