Двата тима досега одиграле осум меча во ЛШ (КЕШ), со идентичен ефект, по три победи и гол-разлика 16-15

Во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, вечерва и утревечер, на програмата се натпреварите од втората рунда по групи. Еден од поинтересните дуели од вечерашната програма, секако, е мечот на арената „Алијанц“ во Минхен во групата Е, меѓу тимовите што деветпати биле европски прваци, германски Баерн, петпати (1974, 1975, 1976, 2001 и 2013), и холандски Ајакс од Амстердам, четирипати (1971, 1972, 1973 и 1995).

Двата тима ги добија првите натпревари во групата, Баерн на гости против Бенфика (2-0), а Ајакс дома против АЕК (3-0). Германскиот првак, кој ќе игра пред домашните навивачи, ја има улогата на фаворит и поради податокот дека триумфирал на последните 12 меча дома во групната фаза во ЛШ. Двата тима досега одиграле осум натпревари со идентичен ефект, по три победи и со гол-разлика 16-15, што ветува дека и овој дуел ќе биде интересен и неизвесен. Последен пат двата тима се сретната го групната фаза во ЛШ во сезоната 2004/2005. Баерн победи дома со 4-0, а на гости ремизира, 2-2.

Баварците не дозволија изненадување на мечот против Бенфика пред две недели, но потоа киксираа на двата првенствени меча во Бундес-лигата, реми дома со Аугсбург (1-1) и пораз на гости во Берлин од Херта (0-2), што е предупредување за новиот тренер Нико Ковач и за неговите фудбалери.

Ајакс забележа очекувана победа во првиот меч против АЕК на арената „Јохан Кројф“, но во холандското првенство не блеска, пораз од ПСВ (0-3) и победа на гости над новакот во лигата, Фортуна (2-0).