Мексико го направи најголемото изненадување во 1. коло

Бранителот на светската титула Германија загуби од Мексико (вторпат во историјата губи во прв меч на СП), вицепрвакот Аргентина ремизира со Исланд, како и Бразил со Швајцарија (Бразил првпат по 1978 г. не победува на прв дуел на СП), а од другите Франција, Данска и Уругвај победија тесно и со доста среќа…

Фаворитите за највисок пласман и за освојување на титулата светски фудбалски првак не се прославија на почетокот од планетарниот шампионат во Русија. Одиграа доста бледо и резултатски не поминаа според очекувањата. Но, искуствата од некои минати СП говорат дека првите мечеви не се најбитни и оти селекциите што ќе ја задржат свежината, ќе бидат поштедени од повреди, ќе ја подобрат формата и ќе стигнат најдалеку.
Бранителот на титулата Германија го загуби премиерниот меч, од Мексико (0-1), вторпат во нивната фудбалска историја (првиот пат во 1982 година од Алжир). Германците немаа решение во нападот, како и за брзите контранапади на Мексико, а забелешките за селекторот Јоаким Лев се дека седуммина од почетните 11 имаат 28 и повеќе години. Најголемиот проблем се чини дека им е играта на средината на теренот, каде што „главни“ треба да бидат Тони Крос и Сами Кедира, кои брзите Мексиканци лесно ги претрчуваа и им создаваа многу проблеми на Матс Хумелс и на голманот Мануел Ноер, кој има и улога на „чистач“. Како Лев, кој по мечот изјави дека нема место за паника, ќе ги реши тие и другите проблеми останува да се види на наредните мечеви, како и дали изоставувањето од составот на Лирој Сане ќе се покаже како грешка.

Вицепрвакот Аргентина се намачи на мечот против аутсајдерот Исланд (1-1), а Лионел Меси промаши и пенал. Аргентинците не успеаја да го пробијат „бункерот“ на физички посупериорните Исланѓани. Нивната игра „секоја топка до Меси“ е предвидлива, противниците го знаат тоа и јасно е дека доколку селекторот Хорхе Сампаоли нешто не смени на тактички план титулата ќе остане неостварена желба на Меси.
Шпанија во воведниот меч одигра нерешено против Португалија (3-3). Шпанците беа подобар противник, но направија неколку грешки (голманот Де Хеа) што ги чинеше победа. „Фуријата“ покажа дека смената на селекторот Хулен Лопетеги пред почетокот на СП нема да влијае негативно и оти имаат квалитет за највисок пласман.
Со еден бод мораше да се задоволи уште еден фаворит за највисок пласман, Бразил на средбата со Швајцарија (1-1). „Кариоките“ првпат по СП 1978 година не славеа на првиот меч (претходно имаа девет победи едноподруго), но квалитетот, индивидуален и тимски, им влева надеж дека се кадарни за висок пласман.
Франција успеа да се провлече на мечот против Австралија и да триумфира со 2-1, како и Уругвај на средбата со Египет (1-0) со гол во финишот од мечот.
Сепак, тоа се само почетни натпревари, прерано е за процена, најверојатно формата на повеќето селекции се темпира за следната, нокаут-фаза. Турнирот ќе потрае до 15 јули, остануваат да се одиграат уште по два меча во групната фаза, кои треба да послужат за поправање на впечатокот, но и на бодовно салдо што ќе значи и пласман во осминафиналето.