Ајакс, кој им се придружи на Ливерпул, Баерн и на Јувентус во осминафиналето на ЛШ на две кола до крајот на групната фаза сезонава, продолжува силно да се потпира врз својата младинска академија. Како клучен за успесите на Ајакс сезонава, кој пред две години за „неколку секунди“ не се пласира во финалето на ЛШ, се смета тренерот Ерик тен Хаг

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Ајакс и Ливерпул забележаа победи и во четвртото коло, над Борусија Дортмунд (3-1), односно и над Атлетико (2-0), со што им се приклучија на Баерн и на Јувентус во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), на две кола до крајот од натпреварите по групи сезонава. Три од овие четири тима, Ајакс (првак во 1971, 1972 и во 1973), Баерн (1974, 1975 и 1976) и Ливерпул (1977 и 1978-та) освоија осум титули првак на Европа во периодот од 1971 до 1978 година. Преостанатите фаворити, како Манчестер сити и Реал Мадрид, се на чекор до осминафиналето, а ПСЖ, Интер, Атлетико и Борусија Дортмунд ги очекуваат уште по два неизвесни дуела.
Себастијан Алер од Брегот на Слоновата Коска повторно постигна гол за Ајакс и стана петтиот играч во историјата на ЛШ што постигнал гол на првите четири меча во ова натпреварување, вкупно седум, еден помалку од водечкиот Роберт Левандовски. Но како клучен за успесите на Ајакс сезонава, кој пред две години за „неколку секунди“ не се пласира во финалето на ЛШ, се смета тренерот Ерик тен Хаг. Тој успеа да го консолидира тимот, иако во меѓувреме од тогашниот тим заминаа Матијас де Лихт, Френки де Јонг, Хаким Зијеч, Дони Ван де Бек и други, но Ајакс повторно е хит во ова натпреварување како единствен надвор од петте најголеми европски лиги и без финансиските предности што ги имаат богатите ривалски клубови.
– Многу сум среќен откако дојдов во Ајакс. Сега играм во Лигата на шампионите, тоа е остварување на мојот сон. Нашиот тренер е опседнат со фудбалот, тој е перфекционист и без сомнение е еден од најдобрите тренери во светот. Пред него е голема иднина – изјави Алер, кој минатиот јануари пристигна од Вест хем за 22,5 милиони евра, за германскиот магазин „Кикер“.

Тен Хаг (51) е на клупата на Ајакс од 2017 година, откако заврши импресивна работа во Утрехт. Претходно му беше помошник на Стив Мекларен во Твенте, помагајќи му на Англичанецот да ја освои шампионската титула во Холандија во 2010 година. Потоа еден период помина како тренер на резервите на Баерн, кога прв тренер беше Пеп Гвардиола. Сега се спомнува како можен тренер на некој од врвните европски клубови. Но тој е под договор со Ајакс до 2023 година и е свесен дека „тревата можеби не е позелена на друго место“.
– Ниту еден друг клуб не може да ми ја понуди истата удобност во работата и убеден сум дека во наредните години можеме да ги гледаме најголемите клубови во очи и да бидеме на исто ниво како нив – изјави тој лани.
Ајакс продолжува силно да се потпира врз својата младинска академија „Де Тоекомст“, а играчите како Рајан Гравенберх и Јуриен Тимбер ја претставуваат новата генерација. Тие се дополнети со искусните играчи како Душан Тадиќ, Дејли Блинд, Дејви Класен и Стивен Бергхуис.