Ханси Флик со пехарот на Лигата на шампионите

Баерн Минхен стана европски првак по шести пат, освојувајќи ја фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) на импресивен начин, со победи во сите 11 одиграни мечеви на патот до трофејот, од кои последниот беше против Пари Сен Жермен 1-0, во вечерашното финале одиграно во Лисабон. Кингсли Коман беше стрелец на решавачкиот гол во 59-та минута. На тој начин германскиот великан сезонава стигна до тројната круна (беше најдобар и во националното првенство и во Купот).

Веројатно малкумина познавачи на фудбалот ќе се осмелеа да кажат дека Баварците ќе постигнат ваков успех, кога тренерот Ханси Флик ја презема екипата во ноември минатата година, доаѓајќи на местото на Нико Ковач чиј помошник беше дотогаш. Баерн во тој момент го заземаше седмото место на табелата во Бундес-лигата.

Педесет и четиригодишниот поранешен фудбалер на најтрофејниот германски клуб кој му се приклучи на стручниот штаб на Баерн минатото лето, дотогаш беше релативно непознат надвор од Германија, со што најголемиот успех во тренерската кариера го забележа како помошник на селекторот Јоаким Лев во германската репрезентација која го освои Светското првенство во 2014 година.

Јоаким Лев и Флик (лево) ја предводеа Германија до трофејот на Светското првенство во 2014 година

По три меча на клупата на германскиот великан, беше одлучено некогашниот фудбалер на Баерн да го води тимот до крајот на сезонава, а откако нанижа бројни победи тој доби и договор до 2023 година.

Меѓу клучните потези на Флик беше ставањето на левиот бек Давид Алаба на стоперската позиција, како и инсистирањето на офанзивниот стил на игра со жесток пресинг за кој ривалите немаа решение. Згора, итриот стратег одлучи во финалето да му даде предност на Коман на левата крилна позиција, во однос на Иван Перишиќ кој беше стартер во претходните мечеви од нокаут фазата во Лисабон. Тоа се покажа како пресудно во решавачкиот дуел.

Под водство на Флик, Роберт Левандовски и соиграчите триумфираа на 25 меча и забележаа едно реми во сите мечеви во 2020 година. Особено имресивена беше успешната низа во ЛШ во која Баерн ги совлада Црвена звезда, Тотенхем и Олимпијакос по двапати во групата фаза, а потоа и Челси (двапати), Барселона, Лион и ПСЖ во нокаут-мечевите, забележувајќи вкупна гол-разлика од 43-8.

– Под негово водство спортскиот развој е неверојатен, како и квалитетот на нашата игра и резултатите кои ги остваруваме – изјави Карл-Хајнц Румениге, претседателот на Баерн.

Останува извесно дека незапирливиот тим на Баерн предводен од Флик може да очекува уште успеси доколку продолжи во овој стил. М.Ж.