Досега од меѓусебните мечеви во финалињата резултатот е 4-3 во победи за Арсенал, со тоа што по два триумфа тој клуб оствари во финалињата на ФА-купот и на Суперкупот на Англија, а Челси славеше кога се играше за трофеите во Лига-купот, Суперкупот на Англија и во Лига Европа. Финалето сезонава е на 1 август

ФУДБАЛ – СО ПЛАСМАНОТ ВО ФИНАЛЕТО НА ФА-КУПОТ

Лондонско финале ќе има во Купот на Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија, Челси – Арсенал, на 1 август на стадионот „Вембли“. Во полуфиналните дуели двата тима од Лондон беа подобри од фаворитите на хартија, противниците од Манчестер, Сити и Јунајтед, победувајќи со 2-0, односно со 3-1. Тоа значи дека и во 149-то издание на ФА-купот во финалето нема да играат два тима од Манчестер.
Во претходните два меѓусебни дуела во финале на ФА-купот, Арсенал двапати победи, во 2002 година со 2-0, а во 2017 година со 2-1. Тоа беше рекордниот 13-ти триумф во ова натпреварување за „топџиите“ и седми, исто така, рекорден, за менаџерот Арсен Венгер. Но двата клуба играа меѓу себе еднаш и во финалето на Лига-купот на Англија, во 2007 година, кога победи Челси со 2-1, а уште двапати во Суперкупот на Англија, во кој прво славеше Челси во 2005 година со 2-1, а потоа победи Арсенал на пенали во 2017 година. Арсенал и Челси се сретнаа уште еднаш во финален меч, лани, но за трофејот во Лига Европа, а во тоа финале што се играше во Баку славеше Челси со 4-1.

Покрај дуелите Арсенал – Челси имало и други лондонски пресметки во меч за трофејот на ФА, како Тотенхем – Квинс парк ренџерс во 1982-та, Вест хем – Арсенал во 1980-та, Вест хем – Фулам во 1975-та итн.
ФА-купот е најстарото активно клупско фудбалско натпреварување во светот, оти се игра од 1871 година. Досега 43 тима го освоиле трофејот, Арсенал е рекордер со 13 триумфи (претходен пат победи во 2017 година), а Челси ќе игра за деветтиот трофеј (осмиот го освои во 2018 година). Од другите најуспешни клубови во ова натпреварување Манчестер јунајтед славел 12 пати, Тотенхем осум, Ливерпул и Астон вила по седум, Њукасл, Манчестер сити и Блекбурн по шест пати итн.