Австрискиот фудбалер Марко Арнаутовиќ доби суспензија од Европската фудбалска унија (УЕФА) поради навредите кои ги упати кон македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски на првиот меч од групата Ц на Европското првенство. УЕФА на Арнаутовиќ му одреди суспензија од еден натпревар, што значи дека тој нема да биде во составот на Австрија за дуелот против Холандија.

Арнаутовиќ го постигна третиот гол за Австрија во 89-та минута од мечот против Македонија (3-1), а потоа упати пцости кон Алиоски, навредувајќи го на етничка основа. По завршувањето на натпреварот Фудбалската федерација на Македонија побара Арнаутовиќ да биде казнет. Австрискиот репрезентативец со српско потекло, упати јавно извинување по инцидентот, велејќи дека „не е расист“.