Ниту еден Русин нема да учествува во антидопинг-програмата, а сите допинг-примероци ќе бидат тестирани во акредитирани лаборатории на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), надвор од Русија, се наведува во соопштението на ФИФА. п.н. Ниту еден Русин нема да учествува во антидопинг-програмата, а сите допинг-примероци ќе бидат тестирани во акредитирани лаборатории на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), надвор од Русија, се наведува во соопштението на ФИФА.

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) соопшти дека ниту еден Русин нема да учествува во антидопинг-програмата на претстојното СП во Русија, а како последица на големиот допинг-скандал, кој ја потресе таа држава во 2015 година.
– Ниту еден Русин нема да учествува во антидопинг-програмата, а сите допинг-примероци ќе бидат тестирани во акредитирани лаборатории на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), надвор од Русија – се наведува во соопштението на ФИФА.
ФИФА ги презеде сите мерки за процедурата и испораката на примероците да бидат апсолутно безбедни. ФИФА на 22 мај соопшти дека нема да отвори истрага против руските фудбалери, кои ќе се натпреваруваат на Мундијалот и покрај истрагата што се води против руски спортисти од 2015 година.
ФИФА уште наведе и тоа дека сите фудбалери ќе бидат подложни на ненајавениот допинг-тест на СП, впрочем како и на секое друго натпреварување.

– Систематски тестови, крв и урина, од сите играчи најмалку еднаш ќе бидат земени – истакнаа од ФИФА.
Во ноември 2015 година ВАДА ја суспендираше руската антидопинг-агенција, оти не работела во согласност со правилата, а по повторените тестирања беа суспендирани многу руски спортисти од разни меѓународни натпреварувања. Посебно тоа било изразено откако беше извршено тестирање на земени примероци на спортисти од Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи во 2014 година и наводот дека челниците на руската антидопинг-агенција, по потреба правеле замена на примероците.
Русија оттогаш го обновува начинот на управување со агенцијата, на која ѝ е дозволено да продолжи со контрола, но под меѓународно надгледување.
ФИФА на СП ќе има пристап и до биолошките пасоши на фудбалерите, кои, пак, ги следат податоците за крвта и откривање евентуално присуство на недозволени супстанции.
Последен позитивен допинг-тест на СП беше забележан во 1994 година, кога славниот Аргентинец Диего Марадона, беше позитивен на стимулансот наречен ефедрин.