Втора сезона сум во Реин. Имаме добар тим, спој на искуство и на младост, ја имаме и Меган Рапино, светскиот број 1, вели скопјанецот Влатко Андоновски, тренер на водечкиот тим сезонава во првенството на САД во фудбал за жени

Она што е Бразил, петкратниот светски првак во машкиот фудбал, во женскиот се САД, четирикратните светски шампионки, кои последната титула ја освоија пред десетина дена на Мундијалот во Франција. Оние што го сакаат фудбалот (или сокерот) во САД слават, фудбалерките парадираа низ Њујорк и се забавуваа покрај отворените базени. Тие се во фокусот на вниманието на медиумите. Во успешната американска фудбалска женска приказна своја улога има и Македонецот Влатко Андоновски (42), тренерот на Реин од Такома, во близината на Сиетл. За Реин настапуваат и две репрезентативки, едната е легендата на овој спорт во САД, кокапитенката Меган Рапино, која беше прогласена за најкорисна фудбалерка (МВП) на СП во Франција, а беше и прва на листата на стрелците, и Александра Али Лонг.

– Втора сезона сум во Реин, моментно, по 12 кола, на половината од годинашното првенство на САД, се наоѓаме на лидерската позиција на табелата. Главна цел ни е да се пласираме во плејофот, потоа ќе видиме. Имаме добар тим, спој на искуство и на младост, ја имаме и Рапино, светскиот број 1. Таа е вистински лидер, клупска икона, авторитет во секој поглед, како на теренот, така и надвор од него, предничи буквално во сѐ. Таа е прекрасна личност, пример им е на сите девојки. Посветена му е на фудбалот, има почит кон сите, не е претенциозна, знае која е и што е, задоволство е да се работи со неа – вели Андоновски од Сиетл, со кого телефонски разговаравме.
Андоновски е роден скопјанец, своевремено десетина години поминал во младинската школа на Вардар, потоа настапувал за неколку клуба, за Скопје, Работнички, Цементарница, Македонија ЃП. Во 2000 година заминува за САД, каде што играл мал фудбал, најмногу за Канзас сити, потоа во Калифорнија и во Филаделфија.

– Во женскиот фудбал не се најдов случајно. По завршувањето на активната играчка кариерата основав младинска женска фудбалска школа во Канзас. Имавме добра програма, одлично работевме, а ефектот од тоа беа четирите титули на ниво на државата Мисури, еднаш и на САД во младинска конкуренција. Потоа неколку години бев тренер на женската сениорска екипа на Канзас сити, а оттаму пред две години заминав во Сиетл, во Реин – објаснува Андоновски.

Фудбалот (сокерот) во САД, машкиот и женскиот, последниве години е во огромна експанзија во секој поглед. Се градат стадиони, се подобрува инфраструктурата, влегуваат сѐ повеќе спонзори, со тоа и пари.

– Работите одат напред во секој поглед. Успесите на женската репрезентација имаат голем удел во тоа. Речиси сите клубови имаат одлични услови за работа. Ние, на пример, имаме стадион со капацитет од 6.000 места, билетите за следниот меч против Северна Каролина (второпласиран тим во лигата – н.з.) веќе се распродадени. Имаме два терена за тренинзи, еден со природна и еден со вештачка трева. Националната женска лига, која е релативно нова, формирана е пред седум години, од сезона во сезона е сѐ поквалитетна. Мислам дека ќе биде уште подобро, затоа што во иднина женските клубови за настап во Лигата ќе треба да плаќаат котизација од по два милиони долари и ќе мора да бидат дел од машки фудбалски клуб што настапува во најсилната лига, МСЛ – вели Андоновски.

Андоновски воопшто не размислува да работи со машка екипа.
– Моето искуство вели дека жените посериозно работат на тренинзите од мажите, максимално се посветени. Мажите понекогаш се обидуваат да ескивираат, да се провлечат на тренинзите и наместо максимално да се ангажираат, „продаваат“ креативност, ум, техника и слично. Презадоволен сум од работењето со фудбалерки. Имав три понуди да работам во машки клубови, во Втората лига на САД, но ги одбив бидејќи условите за работа во женскиот фудбал за мене се подобри – вели Андоновски.


Кметовски е тренер на голманките во Реин

Покрај мене во стручниот штаб на Реин, како тренер на голманките, е Љупчо Кметовски. До нашата соработка дојде некако случајно. Во февруари годинава за време на мојот престој во Скопје на моите пријателите од струката им кажав дека ми е потребен тренер на голмани. Тие ми го препорачаа Кметовски и еве веќе четири месеци работиме заедно, добро функционираме, верувам дека така ќе продолжиме и понатаму. Генерално следам сѐ што се случува во македонскиот фудбал, клупски и репрезентативен. Во Лигата на нациите добро одеше, во квалификациите за ЕП 2020 по добриот почеток следуваа два пораза, но верувам дека во продолжението ќе биде подобро. Следам и европски фудбал од речиси сите поквалитетни лиги, во тек сум речиси со сѐ на фудбалски план, вели Влатко Андоновски.

За Реин игра Меган Рапино, најдобрата фудбалерка на СП 2019

[email protected]