Англиската Премиер-лига потврди дека од 748 теста направени врз фудбалери и други лица, во три клуба шест биле позитивни, додавајќи дека на тие што биле позитивни им било наредено да се изолираат една недела, објави „Би-би-си“. Пред да се појават вестите за позитивните тестови, капитенот на Вотфорд, Трој Дини, изјави дека нема да тренира бидејќи се грижи за здравјето на своето семејство.
– Треба да продолжиме со тренинзите, но реков дека нема да го сторам тоа. Доволно е само едно лице во групата да се зарази и јас не сакам да го носам тоа дома. Мојот син има само пет месеци, имаше тешкотии со дишењето, па не сакам да се вратам дома за да му станам поголема опасност – изјави Дини (31).

Тековните мерки вклучуваат тестирање двапати неделно, како и дневен прашалник пред тренинг и проверка на температурата. Стапката на позитивни тестови во Премиер-лигата е 0,8 проценти и е малку повисока од Бундес-лигата, каде што неодамна биле забележани 10 позитивни резултати на 1.742 теста. Првичната цел на Премиер-лигата е сезоната да продолжи на 12 јуни, но за тоа ќе биде потребно одобрување од клубовите, играчите, медицинскиот персонал и од британската Влада, пишува „Би-би-си“.

Клубовите идната недела ќе треба да се договорат за протоколите за тренинзи со контакти, а потоа и да гласаат дали ќе ја продолжат сезоната. Тимовите од вторникот тренираат во групи до пет играчи. Клубовите ќе бидат подложени и на ненајавени инспекции за да се види дали се придржуваат до протоколите за тренинзи. 


ПЕТ НАЈСИЛНИ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА

ЛИГА ФАЗА
Германија минатиот викенд продолжи сезоната
Шпанија тренинзи во групи до 10 фудбалери, можен почеток на 12 јуни
Англија тренинзи во групи до пет фудбалери, можен почеток на 12 јуни
Италија тренинзи во помали групи, можен почеток по 14 јуни
Франција сезоната нема да се доигра