Англија ја совлада Шпанија со 3-2, првпат на гости по пауза од 31 година. Шпанците, пак, по 27 години примија три гола на еден меч дома, а по 15 години загубија на свој терен

Дуелот Шпанија – Англија (2-3) во Севилја ја обележи понеделничката серија натпревари во фудбалската Лига на нациите (ЛН). Шпанците важеа за фаворити поради добрата форма и трите победи во низа по Светското првенство (СП), во пријателскиот меч над Велс (4-1) и по двете претходни победи во ЛН, над Англија (2-1) и над Хрватска (6-0). Но Шпанците доживеаја вистински нокаут и примија три гола, првпат на домашен терен во фудбалската историја на официјален меч (последен пат од Унгарија 1991-та, 2-4) и тоа во првите 45 минути и загубија дома по 15 години (во 2003-та од Грција, 0-1).

Рахим Стерлинг постигна два гола за Англија (еден Маркус Рашфорд) со што ја прекина сушната серија на непостигнување гол во репрезентативниот дрес што траеше три години, од октомври 2015-та (против Естонија, 1-0). Згора, Англичаните успеаја по 31 година да постигнат гол на гости против Шпанците. Последен пат Англија ја совлада Шпанија во пријателски натпревар во Мадрид во 1987 година со 4-2, а Гари Линекер беше стрелец на сите четири гола.

– Англија е во земјата на соништата. Ова беше една од најголемите ноќи во современата фудбалска историја на Англија, ноќ кога Стерлинг го одигра најдобриот натпревар во кариерата и потсети зашто селекторот Гарет Саутгејт имаше трпение со него во периодите кога тој беше далеку од формата во Манчестер сити – напиша во својот извештај весникот „Гардијан“.

Во групата 4 Шпанија води со шест бода, пред Англија со четири и Хрватска со еден. Во ноември се уште и мечевите Хрватска – Шпанија и Англија – Хрватска. 


Исланд и Полска испаднаа, БиХ и Финска се пред промоција

По оваа рунда натпревари во фудбалската Лига на нациите и по поразот од Швајцарија (1-2) на домашен терен, од најквалитетната лига А, група 2 (таму е и Белгија) во понизок ранг, во лига Б, испаѓа Исланд, кој претходно загуби од Швајцарија (0-6) и од Белгија (0-3). Претходно испадна и Полска од групата 3, во која се и Португалија и Италија. Босна и Херцеговина ја совлада Северна Ирска со 2-0, со головите на Един Џеко и е пред промоција во лигата А, по максималните три победи (Австрија има три бода од два меча). Во лигата Ц, група 2, Финска триумфира над Грција (2-0) и по четири кола има максимални 12 бода (со гол-разлика 5-0), па на последните две средби им е потребен само бод за пласман во лигата Б. Л.Д.