Преодниот рок во Англија во претходните две години траеше до почетокот од август поради поплаките од клубовите и од менаџерите дека со негово пролонгирање до крајот на август им се нарушуваат подготовките, односно не знаат на кои играчи ќе можат да сметаат за новата сезона. Сега летниот преоден рок ќе заврши на 1 септември

Претставниците на 20-те англиски премиерлигаши изгласаа летниот преоден рок да се усогласи со другите фудбалски лиги во Европа. Во минативе две години преодниот рок во Англија завршуваше во почетокот од август, на еден ден пред почнувањето на новата сезона во Англија. Во соопштението, Премиер-лигата истакнува дека рокот е променет до „традиционалната точка, крајот на август и почетокот на септември“. Годинашниот преоден рок ќе заврши на 1 септември, во 16 часот по британско време (17 часот по средноевропско).

Преодниот рок во Англија беше поместен до почетокот од август поради поплаките од клубовите и од менаџерите дека со негово пролонгирање до крајот на август им се нарушуваат подготовките, односно не знаат на кои играчи ќе можат да сметаат за новата сезона. Тие се надеваа дека и поголемите европски лиги преодните рокови ќе ги поместат порано, но не се случи тоа. Поради тоа голем број клубови се најдоа во непријатна ситуација, бидејќи нивните играчи беа барани од клубови на континентот, па ако продаваа, не беа во можност да ангажираат нивни замени.

Менаџерот на европскиот и светски првак Ливерпул, Јирген Клоп, го поддржува враќањето на летниот преоден рок во согласност со остатокот од Европа.

– Не ми е грижа до кога ќе трае, но мора да заврши во исто време. Сите зборуваа за тоа дека треба да заврши пред почетокот на сезоната, но потоа се премислија. Само Англија го стори тоа. Нема смисла, беше добра идеја, но не успеа – рече Клоп.