Рој Хоџсон, Нил Ворнок, Шон Дајч, Еди Хау

Во Англија, во клубовите во Премиер-лигата, има само петмина англиски менаџери, но ниту еден не е на најдобрите шест екипи. Последен англиски менаџер со титула е Хауард Вилкинсон, кога во 1993 година стана првак со Лидс

Еди Хау во Борнмут, Крис Хојтон во Брајтон, Шон Дајч во Барнли, Нил Ворнок во Кардиф и ветеранот, Рој Хоџсон во Кристал Палас, се петтемина британски фудбалски менаџери во 20-те премиерлигашки клубови сезонава и тоа на оние од вториот, па и трет ешалон според квалитет. Ниту еден од нив не е ни блиску до елитните клубови, кои последниве години и децении доминираат во богатата Премиер-лига, коментираат и анализираат британските медиуми.

На клупата на бранителот на титулата, Манчестер сити и на Арсенал се Шпанци, Пеп Гвардиола, односно Унаи Емери, кај Ливерпул е Германецот Јирген Клоп, кај Челси Италијанецот Маурицио Сари, кај Тотенхем Аргентинецот Маурицио Почетино, а во Манчестер јунајтед до неодамна беше Португалецот, Жозе Мурињо, а сега, привремено, Норвежанецот Оле Гунар Солјскер.

Во Премиер-лигата само 25 отсто се домашни, британски менаџери. Споредбите со другите европски лиги се на штета на англиската. Во италијанската Серија А околу 90 отсто од тренерите се Италијанци, во шпанската Ла лига таа бројка изнесува околу 80, во германската Бундес-лига околу 67 и во француската Лига 1 околу 60 отсто.

Има повеќе причини за ваквата состојба, а како една од главните се смета тоа дека сопствениците на повеќето премиерлигашки клубови се странци, па поради тоа претпочитаат странски тренери-менаџери. Со газдите и со тренерите доаѓаа(т) и сѐ повеќе странски играчи со што се сменија многу работи, почнувајќи од начинот на тренирање, тактиката, односите со фудбалерите. Големите пари си го сторија своето, очекувањата се многу поголеми отколку во другите европски клубови и лиги, помладите и понеискусни тренери ретко добиваат шанса да се покажат. Еди Хау и Шон Дајч се млади, квалитетни менаџери, но бидејќи немале успеси во поголеми клубови (затоа што и не добиле таква шанса) никој не се осмелува да ги ангажира и се решава за проверени, „големи“ имиња. Според некои станува збор и за традиционалната закоравеност на англиските тренери-менаџери чија главна задача до скоро се состоеше од мотивациски говори пред мечевите.

Одамна поминаа деновите и годините, 70-тите и 80-тите години од минатиот век, кога во англискиот фудбал главни менаџери беа легендите како Боб Пејсли и Џое Феган во Ливерпул, Брајан Клаф на клупата на Нотингем форест и Тони Бартон во Астон вила, кои освоија шест титули првак на Европа во низа.

Како камен-темелник на трендот за ангажирање менаџери странци се смета доаѓањето на Французинот Арсен Венгер во Арсенал во 1996 година. Тој внесе многу новини, го интернационализира англискиот фудбал, а глобализацијата што следуваше доведе до тоа во наредните 25 години во Премиер-лигата да продефилираат дури 24 менаџери со различни националности, па и до тоа лани во клубовите само 35 отсто од фудбалерите да се Британци.

На клупата на Челси последен менаџер Англичанец бил Глен Ходл, пред 22 години. Двата уште пославни клуба, Манчестер јунајтед и Арсенал, последен пат имале домашни, англиски, менаџери во 1986 година.

Последен менаџер Англичанец, првак на Англија, со Лидс, беше Хауард Вилкинсон, во 1993 година. Оттогаш титулите ги освојуваа само странци, од Венгер, преку Мурињо, до Гвардиола. Уште попесимистичко е размислувањето на Хари Реднап: „Мислам дека уште долго време ќе нема англиски менаџери и на најдобрите шест премиерлигашки тимови. Помодерно е да се има менаџер странец“.