Селекторот Игор Ангеловски пред утрешната ждрепка во Даблин, Ирска, вели дека не би имал ништо против група со Италија, Исланд или Велс, Израел, Естонија или Литванија и со која било од шестиот барабан

Ако веќе ме прашувате, не би имал ништо против во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година, Македонија да биде во група со Италија (прв барабан – н.з.), Исланд или Велс (втор), Израел (трет), Естонија или Литванија (четврти) и со која било од последниот, шести барабан, во кој се Летонија, Лихтенштајн, Андора, Малта и Сан Марино, ни изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, пред заминувањето за Даблин, Ирска, на ждрепката в недела (12 часот).
Што се однесува до репрезентациите што не ги посакува како ривали, Ангеловски ја посочува Германија, но не му пречи евентуалната група со ривали од поранешна Југославија – Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора или Словенија.

– Лично не ми пречи таква група, иако немам некоја голема желба за такво нешто, ниту пак сум против. Но не се сомневам дека таква група составена од селекции од поранешните југословенски простори ќе предизвика огромно интересирање во сите земји, јасно ни е на сите зошто. Фудбалски тоа би биле квалитетни и многу интересни неизвесни дуели. Најбитно е добро да се подготвиме, да одиграме најдобро што можеме и умееме бидејќи сите противници се квалитетни и незгодни на свој начин – вели Ангеловски.
Македонија успешно ја заврши групната фаза натпревари во Лигата на нациите (ЛН), беше прва во групата, обезбеди пласман во повисок ранг, во лигата Ц, но и во плејофот, во март 2020-та. Тоа значи полуфинален дуел на домашен терен против Косово, потоа и финален дуел со подобриот од мечот Грузија – Белорусија, од каде што победникот го води на финалниот турнир на ЕП 2020.
– Првиот чекор е направен, но ни претстои уште многу работа до крајната цел, а тоа е пласман во завршницата на ЕП. Во последно време повеќепати кажав, сега, во оваа пригода, ќе повторам, дека не смееме да се задоволиме со ова. Од фудбалерите ќе барам, тоа треба да го бара и македонската спортска јавност, пласман на ЕП 2020, преку редовните квалификации в година или преку плејофот во Лигата на нациите – вели Ангеловски.

Од квалификациите на ЕП ќе играат двете најдобри селекции од секоја од десетте групи. До првите натпревари кон крајот на март 2019 година (квалификациите ќе траат до ноември) ќе нема термини за тест-натпревари, што значи дека првиот собир ќе биде неколку дена пред воведните мечеви.

– Тоа е долг период, но мислам дека ќе немаме поголеми проблеми. Пред сѐ затоа што оваа селекција е заедно повеќе од две години, фудбалерите добро се познаваат и уште подобро функционираат, уиграни се, така што на тој план сѐ е во ред. Очекувам да бидат во добра форма, со оглед на тоа дека ќе бидат во полн натпреварувачки ритам, и посакувам да ги одбегнат повредите. Мене и на моите соработници ни останува да ја следиме нивната форма, но и да ја анализираме играта на нашите ривали во групата. Составот не би требало да претрпи некои поголеми измени, младите ја оправдаа довербата, смената на генерацијата, така да кажам, безболно е направена, имаме добар спој на младост и искуство и очекувам да продолжиме со исто темпо кон финалниот турнир на ЕП – вели Ангеловски. 


БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2020

Барабан од ЛН: Швајцарија, Португалија, Холандија, Англија
Барабан 1: Белгија, Франција, Шпанија, Италија, Хрватска, Полска
Барабан 2: Германија, Исланд, БиХ, Украина, Данска, Шведска, Русија, Австрија, Велс, Чешка
Барабан 3: Словачка, Турција, Р. Ирска, С. Ирска, Шкотска, Норвешка, Србија, Финска, Бугарија, Израел
Барабан 4: Унгарија, Романија, Грција, Албанија, Црна Гора, Кипар, Естонија, Словенија, Литванија, Грузија
Барабан 5: Македонија, Косово, Белорусија, Луксембург, Ерменија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Гибралтар, Фарски Острови
Барабан 6: Летонија, Лихтенштајн, Андора, Малта, Сан Марино