ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Нормално е кога фудбалерите не се во полн натпреварувачки ритам да не се во полна форма, но покажавме нов квалитет затоа што одигравме на резултат. За мене е нормално по паузата да одиграме ваков натпревар. Криво ми е што некои одлучија да играме од 15 часот, па и, наместо да имаме пет, имавме три измени, а некој треба да мисли на здравјето на фудбалерите, рече селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски, по победата со 2-1 над Ерменија, во Скопје, во 1. коло на Лигата на нациите, лига Ц, група 2.

Со трите бода Македонија направи нов победнички старт на еден циклус официјални натпревари, вторпат во Лигата на нациите (во првиот циклус, тогаш во лига Д, во првото коло беше победена репрезентацијата на Гибралтар на гости со 2-0).
– Рано го отворивме противникот, потоа имавме уште две ситуации за гол, но не успеавме, па Дамјан Шишковски одбрани добра шанса за Ерменија. Потоа дојде и вториот пенал, поведовме со 2-0, па немавме причина да притискаме со 200 отсто. Свесно му ја препуштивме средината на теренот на противникот. Во вториот дел имавме некои опасни шанси за гол, по кои можевме да го завршиме мечот. Не ѝ гледам на победата во заби. Задоволен сум од резултатот – рече Ангеловски.

Сите три гола на средбата во саботата, играна без публика, поради пандемијата на корона-вирусот, беа постигнати од пенали. За Македонија погодија Езгијан Алиоски во 6-та минута и Илија Несторовски во 39-та (во двата случаја по прекршоци врз Елиф Елмас), а за гостите Тигран Барсегјан во последните секунди од натпреварот.
Во второто коло утре Македонија ѝ гостува на репрезентацијата на Грузија, која е 91. на ранг-листата од јули на Светската фудбалска федерација (Македонија е 68.), на прва меѓусебна средба на двете репрезентации. Грузија во првото коло на гости ја победи Естонија со 1-0, со голот на Ника Качарава во 32. минута.

Победникот на групата 2 на лига Ц во следното издание на Лигата на нациите ќе игра во лига Б, во која сезонава настапуваат, меѓу другите, репрезентациите на Австрија, Романија, Норвешка, Чешка, Русија, Турција, Србија, Велс, Бугарија…


Две селекции од Лигата на нациите може да се пласираат на СП 2022

Квалификациите за Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар остануваат во голема мера исти, откако пласман на Мундијалот ќе обезбедат победниците на секоја од десетте квалификациски групи (квалификациите треба да почнат в година). Форматот на плејофот, сепак, еволуира и сега ќе се состои од две нокаут-рунди, по кои на Светското првенство ќе се пласираат три репрезентации.
Во плејофот ќе учествуваат десетте второпласирани во групите од квалификациите, како и најдобрите две селекции-победници на групите во Лигата на нации на УЕФА (засновани на пласманот на вкупната ранг-листа во Лигата на нации на УЕФА), кои не се пласирале директно или биле второпласирани во квалификациите, пишува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Форматот на квалификациите за Светското првенство е предмет на конечна потврда од страна на ФИФА, пишува УЕФА.


Без пораз и во седмиот меч во прво коло дома

Македонската фудбалска репрезентација и во седмиот циклус официјални натпревари е без пораз во првиот меч кога првото коло го игра на свој терен. Македонија во саботата ја победи Ерменија со 2-1 во 1. коло на Лигата на нации, лига Ц, група 2, и тоа беше шеста победа во седмиот ваков меч.
Црвено-жолтите во првата средба како домаќин во првото коло ремизираа со тогашниот европски првак Данска, 1-1, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 1996 година, а потоа ги победија Лихтенштајн со 3-0 во квалификациите за Светското првенство (СП) во 1998 година, Малта со 4-0 (квалификации за ЕП 2000), Ерменија со 3-0 (за СП 2006), Шкотска со 1-0 (за СП 2010) и Летонија со 3-1 (за ЕП 2020).
Во другите осум циклуси Македонија првите кола ги играше на гости и забележа две победи, едно реми и пет порази. Вкупно, во првите кола Македонија има осум победи, две нерешени и пет порази.


СТАТИСТИКА

  • Дамјан Шишковски дебитира и стана 23-от голман што настапил за македонската фудбалска репрезентација и 268-от македонски репрезентативец досега.
  •  Победата над Ерменија е трета во низа на домашен терен за Македонија, по победите на средбите со Словенија, со 2-1, и со Израел, со 1-0, двете во квалификациите за Европското првенство во 2020 година,
  • По дуелот во саботата, Ерменија и Лихтенштајн се на делба на второто место како најчести ривали на Македонија. Досега македонската репрезентација најмногу пати играше со репрезентацијата на Албанија (10 меча), потоа со Лихтенштајн, Ерменија (со двете по девет), Хрватска, Словачка, Турција (со трите по осум средби) итн.

ЛИГА Ц, ГРУПА 2

1. коло
Македонија – Ерменија 2-1
Естонија – Грузија 0-1
2. коло
Грузија – Македонија утре, 18 ч.
Ерменија – Естонија утре, 18 ч.


Четврти меч со два пенала за Македонија

Македонската фудбалска репрезентација го одигра четвртиот натпревар на кој изведе два пенала, откако два гола со удар од белата точка во саботата постигнаа Езгјан Алиоски и Илија Несторовски, во победата со 2-1 на средбата во Скопје, со селекцијата на Ерменија, во 1. коло на Лигата на нации, лига Ц, група 2. За Алиоски тоа беше шести гол за Македонија, а за Несторовски деветти.
Македонија досега девет пати се сретнала со Ерменија, а на тие мечеви црвено-жолтите извеле шест и реализирале пет пенали. Претходните мечеви со по два пенала за Македонија беа во победата со 4-1 на тест-средбата со Словенија во 1993 година (првиот меч на Македонија, во Крањ), потоа во триумфот во квалификацискиот дуел за Светското првенство во 1998 година со Република Ирска во Скопје со 3-2 и во победата со 3-0 на пријателската средба со Канада во Струмица.
Средбата со Ерменија во саботата беше дуел со три пенали (и гостите реализираа удар од 11 метри), но тоа не е натпреварот на кој настапила Македонија со најмногу изведени пенали, бидејќи четири беа шутирани токму на средбата со Канада во Струмица, кога гостите не реализираа два.
Македонија досега постигна вкупно 28 гола од пенал, на 24 меча, од тоа 16 гола се на средби од квалификации за светските или за европските првенства, или во мечеви од Лигата на нациите. Противниците на македонската селекција досега изведоа 24 пенали, а реализираа 17.

Утре дуел со 46-та репрезентација од Европа

Репрезентацијата на Грузија утре на гости ќе биде 46-та селекција од Европа со која Македонија ќе одигра фудбалски меч. Дуелот е од 2. коло на Лигата на нациите, лига Ц, група 2.
Од актуелните членки на Европската фудбалска унија (УЕФА), вкупно 55, македонската репрезентација уште не одиграла ниту еден натпревар со селекциите на Франција, Германија, Швајцарија, Грција, Косово, Фарски Острови, Казахстан, Северна Ирска и со Сан Марино.