Создадовме многу добри шанси за гол, но на крајот не освоивме ниту еден бод. Му бевме гости на тим што ќе атакува на второто место во групата и тука покажавме дека можеме да се носиме со подобри репрезентации, па тоа треба да ни даде мотив за следните натпревари, изјави селекторот Ангеловски

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Фудбалската репрезентација на Македонија беше блиску до освојување еден бод на гостувањето во Романија (2-3), во 1-то коло од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Македонија успеа да се „врати во игра“ во трилер-финишот кога по негативата од 0-2 постигна голови во 82-та и во 83-та минута, преку Аријан Адеми и Александар Трајковски, и израмни на 2-2. Но веднаш потоа, практично во следниот напад, Романија постигна и трет гол, во 86-та минута. Стрелец на тој гол, прв за него во дресот на Романија, беше младиот, 22-годишен Јанис Хаџи, напаѓачот на шкотскиот фудбалски првак Глазгов ренџерс, инаку син на славниот Георге Хаџи.
Македонија беше рамноправен ривал во речиси сите статистички категории (49-51 отсто посед на топката), имаше и неколку неискористени зрели шанси за гол, особено во првото полувреме.
– Создадовме многу добри шанси за гол, но на крајот не освоивме ниту еден бод. Му бевме гости на тим што ќе атакува на второто место во групата и тука покажавме дека можеме да се носиме со подобри репрезентации, па тоа треба да ни даде мотив за следните натпревари – изјави по мечот селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).

Романците ја забележаа петтата победа на исто толку официјални натпревари против Македонија во квалификациите, претходно за СП 1998 и за СП 2006 (вкупна гол-разлика 6-14). Македонија ја забележа единствената победа над Романија (1-0) во 2010 година, во пријателски меч. За Македонија ова беше втор пораз по ред, по оној од Ерменија лани есента во Лигата на нациите, 0-1.
Шанса за враќање на победничките патеки за Македонија е утрешниот меч против аутсајдерот Лихтенштајн во Скопје, во второто коло во групата Ј. Статистиката вели дека Македонија на досегашните девет меча забележа осум победи, меѓу нив и рекордната од 11-1, на гости во Вадуц, во ноември 1996 година, и само едно реми, со вкупна гол-разлика 33-5.


ГРУПА Ј

1. КОЛО
Романија – Македонија 3-2
Германија – Исланд 3-0
Лихтенштајн – Ерменија 0-1
2. КОЛО
Ерменија – Исланд утре, 18 ч.
Македонија – Лихтен. утре, 20.45 ч.
Романија – Германија утре, 20.45 ч.