Прво е мечот со Лихтенштајн, на него сме концентрирани, фаворити сме, но никако не смееме да ги потцениме. Потоа ѝ гостуваме на Ерменија, таму ќе биде потешко, но мислам дека можеме да забележиме добар резултат, вели Ангеловски, кој утре ќе ги соопшти фудбалерите на кои ќе смета за тие два меча во Лигата на нациите

Македонската фудбалска репрезентација одлично почна во новоформираната Лига на нациите (ЛН), во лигата Д, група 4. Забележани беа две победи на двата меча во септември, на гости над Гибралтар и дома над Ерменија, со по 2-0. За десетина дена Македонија ја очекуваат нови два дуела, прво со Лихтенштајн во Скопје, на 13 октомври, и три дена подоцна против Ерменија на гости. Со две нови победи Македонија практично би ја осигурила првата позиција во групата што води во плејофот против најдобрите три селекции од преостанатите три групи во лигата Д, а со тоа и пласманот еден ранг погоре, во лигата Ц, во идното издание на натпреварувањето.
Селекторот Игор Ангеловски за утре го најави објавувањето на списокот на фудбалери на кои ќе смета за претстојните два натпревара.

– Ќе нема речиси никакви промени во составот, ќе сметам на проверените и веќе докажани фудбалери. Новина е враќањето на Аријан Адеми, капитенот на загрепски Динамо, кој закрепна од повредата. Собирот на репрезентативците и првиот тренинг се закажани за понеделник. Се надевам дека сите што ќе дојдат ќе бидат здрави, без повреди, што е битен предуслов за добри подготовки. Очекувам да ги повториме добрите игри од првите два меча и да забележиме победи. Прво е мечот со Лихтенштајн, на него сме концентрирани, фаворити сме, но никако не смееме да ги потцениме. Потоа ѝ гостуваме на Ерменија, таму ќе биде потешко, но мислам дека можеме да забележиме добар резултат, победа или реми – вели Ангеловски.