Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, за денеска го закажа собирот на репрезентативците пред историскиот меч против Грузија, в четврток, во Тбилиси, за пласман на завршниот турнир на Европското првенство 2020

ФУДБАЛ, ЛИГА НА НАЦИИ, ФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФОТ за пласман на европското првенство

Денови на исчекување до решавачкиот, историски, финален плејоф-натпревар Грузија – Македонија, в четврток, во Тбилиси, во Лигата на нациите (ЛН), што води во завршницата на Европското првенство (ЕП) 2020 година во фудбал. Влогот е голем за двете селекции од кои таа што ќе победи ќе дебитира на ЕП, кое во чест на 60-годишнината од првото ЕП 1960-та треба да се одржи во 12 града низ Европа (11 јуни – 11 јули 2021).
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, и за овој меч, како и за оние во ЛН, лига Ц, група Ц, (против Естонија и Ерменија на 15 и на 18 ноември), ќе смета на проверени сили, односно на играчите што го понесоа товарот на мечевите во квалификациите за ЕП, во кои Македонија беше трета во групата Г, зад Полска и Австрија, што е најдобар пласман, и во минатиот циклус натпревари во ЛН, кога беше обезбеден пласман во повисок ранг, во лигата Ц, како и настап во баражот.

– Нема причини нешто да се менува. Мислам дека овие фудбалери со игрите и со постигнувањата ја заслужија довербата (три победи и три ремија на последните шест меча – н.з.). Сегашната репрезентација е спој на искусни, прекалени играчи, предводени од капитенот Горан Пандев и млади, но и афирмирани играчи, кои настапуваат во силни клубови и лиги во Европа. Имам голема доверба во нив, очекувам да го дадат максимумот на дуелот со Грузија – вели Ангеловски.
„Да го направиме сонот реалност“ ќе напише Ангеловски на својот инстаграм-профил, кој собирот на репрезентативците го закажа за денеска напладне. Попладнево треба да се одржи и првиот тренинг, а за утре се предвидени уште два на терените на тренинг-центарот на ФФМ „Петар Милошевски“. За Грузија се патува в среда претпладне.
Од ФФМ вчера немаше најави за евентуални доцнења, односно се очекуваше сите играчи да пристигнат во Скопје во текот на денот, во зависност од сообраќајните врски.
Што се однесува до противникот нема многу непознати. Грузија и Македонија веќе одиграа два меча во период од два месеца, во септември и во октомври годинава во новата кампања во ЛН, во Тбилиси и во Скопје, кои завршија со идентични 1-1.
– Добро се познаваме и тешко е дека некој некого може да изненади. Јас и моите соработници сме фокусирани, пред сѐ, на играта на Македонија, а потоа на противникот. Оптимист сум, имаме квалитет и искуство и се надевам на победа, иако играме на гостински терен – истакнува Ангеловски.

Во полуфиналните плејоф-дуели, Грузија беше подобра од Белорусија (1-0). Грузија не прими гол во Тбилиси и на мечевите против Данска и Република Ирска во квалификациите за ЕП, што секако е некаков показател за начинот на нивната игра.
Победникот од дуелот Грузија – Македонија ќе се пласира на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020 и ќе игра во групата Ц со репрезентациите на Холандија, Украина и на Австрија. 


ЛН, финале – плејоф, 12 ноември

Унгарија – Исланд
Северна Ирска – Словачка
Србија – Шкотска
Грузија – Македонија