Ангеловски на самото место ќе следи неколку натпревари на претстојниот Мундијал во Русија Фото: Маја Јаневска-Илиева

Што се однесува, пак, до мојот фаворит на ова СП во Русија, би сакал Хрватска да дотурка што е можно подалеку, вели Игор Ангеловски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација

Германија, Шпанија, Бразил и Аргентина се репрезентативната фудбалска четворка што и на претстојното Светско првенство (СП) во Русија, според мене, ќе го има главниот збор околу борбата за највисокиот пласман. Што се однесува, пак, до мојот фаворит на ова СП, би сакал Хрватска да дотурка што е можно подалеку, ни изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, во пресрет на најзначајниот спортски настан годинава (од 14 јуни до 15 јули), во Русија.

Македонскиот селектор нема да биде на отворањето на СП и нема во живо да го следи првиот дуел помеѓу селекциите на домаќинот и Саудиска Арабија. Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на свеченото отворање ќе присуствува само претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски. Селекторот Ангеловски, сепак, ќе биде присутен на СП.

– Сите фудбалски селектори од светот ќе имаат можност да присуствуваат на СП во Русија. Светската фудбалска федерација (ФИФА), треба да одреди неколку термини, кои потоа ќе ги понуди до нас, селекторите, по што ќе треба да одлучиме кои натпревари ќе ги следиме во живо на СП. Додека не ја добијам официјалната понудата од ФИФА не можам да кажам во кој период и кои средби ќе ги следам на СП. Но затоа, пак, можам да кажам дека во Русија ќе ја искористам можноста да остварам контакти со што повеќе селектори и спортски работници за повеќе актуелни прашања. По Мундијалот, пак, се традиционалните фудбалски семинари, на кој еминентни тренери ќе одржат предавања – вели Ангеловски.

Терминот до почетокот на новото натпреварување, Лигата на нациите се приближува, а македонската репрезентација нема да одигра пријателска средба, што би било и последна проверка на формата пред првиот меч со Гибралтар. Во групата на црвено-жолтите во Лигата на нациите се уште и Ерменија и Лихтенштајн.
– Точно е тоа дека до почетокот на Лигата на нациите немаме слободен термин за одигрување на некој тест-дуел, но сметам дека и не ни е толку потребен, фудбалерите многу добро се познаваат, бидејќи во изминатиов период заедно одиграа повеќе натпревари – вели Ангеловски.