Не станува збор само за физичките квалитети туку и за позиционирањето и за реализацијата. Треба да бидете навистина силни и психолошки за да можете да го направите тоа, изјави тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг, откако со Спортинг (5-1) на гости во Португалија, Алер имаше деби од соништата во ЛШ, постигнувајќи четири гола во првиот настап во ова натпреварување, како и Ван Бастен за Милан против Гетеборг во 1992 година

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Ѕвезда на воведната рунда натпревари во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) беше Себастијан Алер, кој постигна четири гола за Ајакс во мечот против Спортинг (5-1) на гости во Португалија. Тоа беше деби од соништата во ЛШ за 27-годишниот напаѓач на Брегот на Слоновата Коска, првиот играч што постигнал четири гола во првиот настап во ова натпреварување по Марко ван Бастен за Милан против Гетеборг во 1992 година, објави агенцијата „Франс прес“.
– Се сеќавам кога Ван Бастен го стори тоа, тој е еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот. Тоа покажува каков историски натпревар одигра Себастијан, но, исто така, тоа е и одраз на неговите квалитети. Не станува збор само за физичките квалитети, туку и за позиционирањето и за реализацијата. Треба да бидете навистина силни и психолошки за да можете да го направите тоа – изјави тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг.
Ајакс вложи 22,5 милиони евра за да го врати Алер во Холандија од Вест хем во јануари, но тој немаше добар почеток на кариерата во Амстердам бидејќи Ајакс не го регистрира за мечевите од нокаут-фазата во Лига Европа (ЛЕ). Алер постигна 11 гола во домашната лига во вториот дел од сезоната за нова титула на Ајакс.

Сезонава во просек тој постигнуваше по еден гол на меч за Ајакс, кој како да не може да престане да постигнува погодоци. Во првите шест кола во домашното првенство, Ајакс забележа три победи со по 5-0 и една со 9-0. Тоа е нешто како пресвртен момент во кариерата за играчот за кого Вест хем на Ајнтрахт во 2019 година му исплати рекордни 45 милиони фунти (50 милиони евра). Алер постигна 10 гола на 48 натпревари во Премиер-лигата. Претходно Алер го сврте вниманието врз себе во холандската лига играјќи за Утрехт, каде што постигна повеќе од 50 гола за три години. Во меѓувреме, Алер, кој е роден и израснат во париските предградија, играше за Франција, до 21 година, но откако наполни 26 години без да добие покана за настап, одлучи да игра за Брегот на Слоновата Коска, земјата од каде што е неговата мајка.
Алер неодамна ги постигна двата гола во квалификациите за Светското првенство против Камерун и се надева дека ќе го претставува Брегот на Слоновата Коска на Купот на нациите на Африка идната година.