Фото: Игор Бансколиев

Алексо Мацков е една од нашите најпознати фудбалски личности. Тој повеќе од 50 години е присутен на фудбалските терени, прво како голман, а потоа како тренер и селектор

Во македонскиот фудбал продефилираа многу голмани, кои оставија печат и придонесоа за развојот на најпопуларниот спорт. Еден од оние што особено ќе се паметат е Алексо Мацков, кој долги години беше на голот бранејќи ги боите на повеќе македонски клубови, а еден период беше член и на младинската репрезентација на Југославија, за која имаше 12 настапи.
– Мојот прв спорт не беше фудбалот, туку ракометот. Но еден ден две мои другарчиња што тренираа фудбал во Вардар ми рекоа: „Зошто и ти не дојдеш со нас да си ја пробаш среќата во фудбалот?“ Не требаше многу да ме убедуваат, и јас заедно со нив отидов на тренинг во Вардар. Тогаш како тренер работеше Благоја Вучидолов, кој беше член на екипата на Вардар што во 1961 година го освои Купот на Југославија. Бидејќи бев покрупен од другите, Вучидолов ме праша дали сакам да бидам голман. Јас немав против и веднаш застанав меѓу стативите. Оттогаш почна мојата фудбалска кариера, а ракомет играв по потреба, само за училишната екипа – вели Мацков.

ТОДЕ ГЕОРГИЕВСКИ МИ БЕШЕ ИДОЛ
Всушност, понудата да биде голман на Мацков му дојде како порачана. Причина за тоа беше што тогашниот голман на првата екипа Тоде Георгиевски му беше идол и тој посакуваше еден ден да биде како него.
– Навистина, Тоде беше извонреден голман. Колку беше ценет и со високи квалитети говори и фактот што неколку години го бранеше голот на љубљански Одред, денешна Олимпија. Тој беше незаменлив таму, а кога се врати во Скопје, дресот со број 1 беше резервиран за него – вели Мацков.
Како пионер, Мацков бранеше за Вардар, и тоа неколку години, на традиционалниот сојузен турнир во Борово. Таму имаше можност да се истакне и да ги покаже своите квалитети, па, така, за него почна да се зборува и во поранешна Југославија.
– Бев пријатно изненаден по турнирот „Братство и единство“, кој се одржа во Охрид во 1968 година, кога ми пристигна покана да настапам за младинската репрезентација на Југославија. Селектор на тој тим беше популарниот Биче Младиниќ, а тренер Дончевски. За националната селекција на поранешната држава имав 12 настапи, а најмногу ќе се сеќавам на турнирот што практично беше Светско првенство за младинските репрезентации од социјалистичките земји. Организатор беше Унгарија, а ние настапувавме во квалификациската група во Татабања. Тука го освоивме првото место и во финалето на познатиот стадион „Неп“ во Будимпешта ја победивме Бугарија со 2-1 и триумфиравме на турнирот – вели Мацков.

ОДБИЕНА ПОНУДАТА НА ШОШКИЌ
Меѓутоа, интересно е да се истакне еден момент од подготовките на таа репрезентација во спортскиот центар „Кошутњак“ во Белград. На еден тренинг на трибините бил еден човек со гипс на ногата.
– По тренингот, тој ме повика и ми рече дека можам да станам добар голман, но мора да одам во некој поголем клуб. Во моментот ми го предложи ОФК Београд. Јас искрено бев зачуден, но откако дознав дека тој човек не бил никој друг, туку големата голманска легенда Шошкиќ, кој беше на голот на Партизан и на Југославија многу години, бев многу возбуден. Кога се вратив дома и им кажав за понудата, татко ми веднаш одговори – никако. Ние потекнуваме од егејскиот крај и татко ми рече: „Јас немам семејство за ’растурање’ низ светот, доста е што брат ти е во Чешка, а сестра ти во Унгарија“. По ова, повеќе немаше дискусија – рече Мацков.
Мацков остана во Скопје, но и покрај разговорите со Божиновски и со Дончевски, не дојде во Вардар, туку по настојување на познатиот фудбалски работник Алексо Кипровски отиде во клубот од Автокоманда.
– Причина за ова беше настојувањето на Божиновски, да потпишам договор, што значеше да го напуштам училиштето. Тоа никако не можев да го сторам, иако во Вардар имав шанса за напредување. Тогаш дојде и до смена на генерациите, па место во првиот тим изборија Кочо Димитровски, кој стана вистинска вардарова икона, и Ванчо Спасовски – вели Мацков.
Така, кариерата на Мацков продолжи во МИК (подоцна Скопје), кое во тие моменти имаше навистина силна екипа со второлигашки квалитет. Тука беа Корошевски, Анчевски (подоцна замина во Вардар), Палиќ, Торбаков, сите познати фудбалски имиња.
– За да се види дека МИК беше навистина амбициозен говори и фактот што кон екипата се приклучија и вардарците Мирко Илиевски и Никола Бошалевски. Но хендикеп за мене беше што МИК имаше одличен голман, пред сѐ и човек, Лазов. Тој неколку години беше стандарден и тешко дека некој можеше да го „истисне“ од првиот тим. Затоа, почнав да размислувам да ја сменам средината и да одам во екипа во која ќе бидам прв голман. Изборот падна на Балкан, популарниот тим од Чаир, кој имаше второлигашки амбиции, но немаше пари. Сепак, и во тешки услови, секогаш бевме во врвот на табелата на МФЛ – рече Мацков.

УБАВИ ГОДИНИ ВО РАБОТНИЧКИ И ВО ЉУБОТЕН
Мацков во Балкан беше до 1975 година, потоа една сезона настапуваше за Куманово, за потоа да замине во Работнички.
– Ова го сторив од причина што се оженив, а станав и татко, па затоа сакав да сум поблиску и до семејството. Во Работнички владееше големо другарство и тоа е она што ми остана во најубаво сеќавање во мојот живот – продолжува Мацков.
Но фудбалскиот живот е немирен, па и покрај она убавото во Работнички, тој го напушти тимот од Дебар Маало и потоа четири години настапуваше за еден од најстарите македонски клубови, Љуботен од Тетово.
– Иако Тетекс во тие години постигнуваше подобри резултати, а подоцна стигна и до Првата лига, сепак Љуботен им беше „при срце“ на тетовци. Меѓу двата клуба владееше ривалитет, како што владееше и меѓу челниците – од една страна Стојан Ѓорчевски, генералниот директор на фабриката „Тетекс“, и од друга страна Драган Спировски, познат политичар. Кога се играа мечевите помеѓу Тетекс и Љуботен тоа беше фудбалски празник, сѐ друго „замираше“ во градот под Шара. Инаку, Љуботен навистина беше силен, покрај мене за екипата настапуваа и Перица Груевски од Вардар, Б. Николиќ, Јаковљевиќ, Кечан, Силјановски од Гостивар и други познати фудбалери – вели Мацков.
Фудбалската кариера потоа продолжува во Гостивар, каде што замина заедно со Аднан Зекири. Но таму остана кратко време, зашто не можеше да ја одбие понудата на тренерот Зоран Мишиќ, да дојде во Југококта (сегашна Македонија ЃП).
– Ѓорчепетровци имаа големи амбиции, а имаа и добар тим. Тука беа Стратев, Радиќ, Пеливанов, Дончевски, кој дојде од Металец, квалитетни фудбалери со кои станавме есенски прваци. Но поради некои недоразбирања Мишиќ замина, па дојде Дамјан Стојановски, со кого практично ја почнав и тренерската кариера – рече Мацков.
Потоа, Мацков оди во Балкан да биде помошник-тренер на Мишиќ, за потоа по потреба на клубот повторно да застане меѓу стативите. Така, се случи во решавачкиот натпревар за првак на Македонија против Работнички, кој во регуларно време заврши 1-1, во изведувањето пенали, тој да одбрани три удари од белата точка, а да биде стрелец и на еден гол.
Во Балкан практично почнува и вистинската тренерска кариера на Алексо Мацков. Откако замина Мишиќ, тој токму по негова молба станува прв тренер на екипата. Паралелно со тренерската работа, Мацков ги следи предавањата во Едукативниот центар на ФФМ и добива тренерска пролиценца. Потоа работи како тренер во Ударници од Бутел, Шкендија од Арачиново, Цементарница, со која успева да се пласира во купот Интертото.
– Една година бев во Вардар, за потоа да бидам тренер и на Осогово, Куманово, Пелистер и на Металург, каде што ја завршив клупската тренерска кариера. По осамостојувањето на Македонија бев селектор на репрезентацијата до 19 години, а бев помошник-тренер во младата и во сениорската репрезентација, во времето на Канатларовски – вели Мацков.
Фудбалскиот живот на Алексо Мацков продолжува. Нема сомнение оти тој е вистинска македонска фудбалска легенда, која испиша убави страници во нашата историја како голман, а уште испишува страници и како тренер.


Алексо Мацков
Роден: во 1952 година во Скопје
Кариера: Вардар, МИК (сега Скопје), Балкан, Куманово, Работнички, Љуботен, Гостивар, Југококта (денешна Македонија ЃП), младинска репрезентација на Југославија (12 настапи)
Успеси: Прво место на Турнирот на младинските репрезентации на социјалистичките земји во Унгарија
Тренерска кариера: Балкан, Ударници (Бутел), Шкендија (Арачиново), Цементарница, Вардар, Осогово, Kуманово, Пелистер, Металург, селектор на младинската репрезентација, помошник-тренер во младата, а во времето на Канатларовски и во сениорската репрезентација на Македонија