Алексис Санчез може да биде предводник на играчкиот егзодус во Манчестер јунајтед на крајот на оваа сезона. Според пишувањата на реномираниот британски лист „Гардијан“, Чилеанецот заедно со уште пет играчи може да замине од екипата на „Црвените ѓаволи“, а се шпекулира и дека новиот, сега постојан менаџер Оле Гунар Солскер има на ум нов десен бек и централен дефанзивец.

Ова е прв летен трансфер период за Норвежанецот на клупата на Јунајтед, а според англиските медиуми се очекува тој да го продаде Санчез, кој не успеа да се снајде на „Олд Трафорд“ од неговото доаѓање од Арсенал во јануари 2018 година.

Чилеанецот, кој беше дел од размената за Хенрик Микитарјан со лондонски Арсенал, заработува огромна неделна плата, за која се смета дека со бонусите може да достигне до 400 илјади фунти неделно. Од друга страна, токму високата плата на Санчез може да претставува проблем за неговото заминување од Манчестер јунајтед, бидејќи неговиот договор трае до 2022 година.

Освен Алексис Санчез, се шпекулира дека одличниот голман Давид де Хеа, Андер Ерера, Хуан Мата, Маркос Роко и Матео Дармиан се пред излезната врата од клубот, а веќе е познато дека Антонио Валенсија следната сезона нема да го носи црвениот дрес, поради тоа што одлучи да не го продолжи договорот со клубот.

– Јунајтед не би сакале да го изгубат Де Хеа, но клубот не може да најде заеднички јазик со Шпанецот околу новиот договор. Неговиот сегашен договор влегува во последите 12 месеци, па затоа Манчестер не би сакал да ризикува да го изгуби без оштета следниот летен преоден рок, па можеби ќе се одлучи да го продаде ова лето за да заработи пари за високоценетиот голман – констатираат од „Гардијан“.

Договорот на Ерера завршува на 30 јуни, а се смета дека играчот за врска не е задоволен со понудената плата од клубот па најверојатно нема да го продолжи договорот. Договорот на Хуан Мата исто така завршува ова лето, додека поради ограничената минутажа, веројатно е и заминувањето на Италијанецот Дармиан.

Според англиските медиуми, заминувањето на повеќе играчи од клубот ќе значи дека Манчестер јунајтед ќе биде заинтересиран да купува ова лето, иако политиката на клубот е секое лето да дозволува да заминуваат три играчи, а нови три да дојдат како засилувања. Сега, доколку заминат пет или шест играчи, останува да се види како ќе постапи менаџерот Солскер и раководството на „Црвените ѓаволи“.