Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, истакна дека е привилегиран што ќе може да работи со Кристијано Роналдо, за кого вели дека покрај Лионел Меси, е еден од најдобрите фудбалери во светот.

На Интернационалниот куп на шампиони во САД, Реал го совлада Јувентус со 3:1, а Роналдо поради продолжениот одмор не играше против неговиот доскорешен клуб.

– Реал е голем клуб. Без разлика дали го имаат Роналдо или не, секогаш ќе бидат конкурентни – оцени Алегри.

Португалскиот фудбалер премина од Реал Мадрид во Јувентус во најголемиот трансфер ова лето вреден 105 милиони евра.

– Задоволни сме што ќе го имаме Роналдо, особено заради искуствата кои ги има на меѓународните натпревари. Ќе ми биде задоволство да го тренирам, бидејќи покрај Лионел Меси е еден од најдобрите фудбалери во светот. Привилегиран сум што го имам во тимот – истакна тренерот на Јувентус.

По доаѓањето на Роналдо во Торино се зголемија очекувањата за успеси особено во Лигата на шампионите, а според Алегри неговиот тим оваа сезона е конкурентен.