Во животот треба да си поставите големи цели и да одите по нив. Можеби ќе ги постигнете, можеби нема, но ако не одам на СП, си ветив дека тоа нема да биде затоа што не сум се обидел. Ако не го заслужам тоа, а друг играч заслужува, јас ќе бидам најголемиот поддржувач на Селесао. Но постојано размислувам за Светското првенство и се посветувам на остварување на овој сон, вели Алвес за интернет-страницата на ФИФА

Деветгодишен Бразилец спиеше на кревет направен од цемент, вознемирен од мирисот на влажна почва и температурите до 40 степени. Тој беше буден во четири часот наутро за да оди на работа на фарма, потоа мораше да пешачи осумнаесетина километри до училиштето и да истрча назад, ова второто за да стигне на фудбалскиот тренинг, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница. Даниел Алвес го стори сето тоа со своето карактеристично оптимистичко расположение. Сонот, навистина, му помагаше часовите брзо да поминат, за да стане професионален фудбалер, пишува ФИФА. Роден во Жуазеиро, сега има 38 години и не е само професионален фудбалер туку фудбалер со најмногу трофеи во овој спорт. И тој уште сонува. Прво за олимписко злато, а потоа за слава на Светското првенство (СП) во Катар в година и да стане првиот фудбалер со 50 тимски титули.
Селекторот на Бразил, Андре Жардин, ни рече дека ви засветеле очите кога ве повикал за олимпискиот турнир. Како се чувствувавте во тој момент?
Алвес: Тоа беше единствена сензација. Никогаш не сум го доживеал тој момент. Отсекогаш сонував да учествувам на летни олимписки игри (ЛОИ), па тоа беше огромна радост. Олимписките игри се магични, станувате емотивни размислувајќи за нив. Јас сум патриот, не можам да објаснам колку сакам да го носам дресот на Бразил. Да се претставува мојата земја на натпревар толку важен, волшебен, како ЛОИ, е навистина, навистина неверојатно.
Имате 38 години. Бразил може да земе само тројца повозрасни играчи на ЛОИ. Дали мислевте дека исчезна шансата да играте на ЛОИ?
Алвес: Никогаш не мислам дека моите шанси се завршени. Цврсто верувам во себе, начинот на кој се грижам за себе, начинот на кој тренирам, моите настапи. Освојувањето злато е огромна одговорност, но за ова живеам. Вакви предизвици навистина ме мотивираат.

Освоивте повеќе титули од кој било играч во историјата на фудбалот. Колку би ви значело освојувањето златен медал?
Алвес: Секоја титула има своја важност, но некои се и посебни. Олимписките игри се попосебни од другите. Тоа е како Светско првенство, се одржува секои четири години, ги имате сите најдобри спортисти, најдобрите тимови од целиот свет. Го маѓепсува целиот свет. Неговата магија е поинаква. Ние сме група играчи што ќе играат на Олимписките игри првпат и тоа ќе биде магично, но мора да останеме фокусирани на нашата мисија: да освоиме уште едно злато за нашата земја.
Колку би сакале да играте на следното Светско првенство?
Алвес: Ова, да бидам искрен, е мојата најголема цел. Беше навистина убаво изненадување да добијам олимписка покана, но откако го напуштив ПСЖ, си ветив дека ќе дадам апсолутно сѐ за да бидам на Светското првенство. Во животот треба да си поставите големи цели и да одите по нив. Можеби ќе ги постигнете, можеби нема, но ако не одам на СП, си ветив дека тоа нема да биде затоа што не сум се обидел. Ако не го заслужам тоа, а друг играч заслужува, јас ќе бидам најголемиот поддржувач на Селесао. Но постојано размислувам за Светското првенство и се посветувам на остварување на овој сон.

Што мислите за Нејмар?
Алвес: Исклучително редок генијалец. Тој е целосно потценет. Ако тој беше од друга земја, правеше сѐ што прави, рушејќи ги рекордите што ги има, Бразилците ќе го оценеа многу повисоко. Нејмар ги тера децата да се вљубат во фудбалот. Кога бев дете, тоа што ме натера да се вљубам во фудбалот беше магијата што ја имаа бразилските играчи, можноста да направам нешто различно, да го претставувам токму тоа што е фудбалот. Фудбалот почна да станува досаден, со многу тактика, физички. Фудбалот треба да биде уметност, нешто убаво. Кога го гледате Нејмар, тоа е. Никој не е волшебен како него. Апсолутно го сакам фудбалот и апсолутно обожавам да го гледам Нејмар.
Кои беа волшебниците што ве натераа да се вљубите во фудбалот?
Алвес: Ја сакав магијата на Роналдињо и на Ромарио. Но сакав да станам фудбалер и мојот пример беше Кафу. Доаѓајќи од Жуазеиро, никогаш не се замислувавме дека сме волшебници. Се боревме за да успееме. Пример ми беше Кафу. Неговата приказна, начинот на кој тој се бореше навистина ме инспирираше. Затоа мразам кога луѓето ме споредуваат со Кафу. Толку многу верувам во себе, се чувствувам како да сум добил холивудски „оскар“, но имам максимална почит кон Кафу и не ми се допаѓаат овие дебати. Кафу е легенда.


„Никогаш не сум видел толку волшебен тим, толку синхронизиран“

Какво беше вашето време во Барселона?
Алвес: Неспоредливо. Верувам дека играв во најдобриот тим во историјата на фудбалот. Никогаш не сум видел толку волшебен тим што беше толку синхронизиран. Сите бевме на иста бранова должина 90 минути. Глобални суперѕвезди што ја играа играта како деца. Игравме не само за да победиме туку и да се забавуваме. Имавме неверојатни играчи и еден што беше од друга планета за секого. Тешко е да им го објасните ова на другите, бидејќи чувството да се биде дел од тој тим е нешто што можат да го разберат само оние што го доживеале. Доживеавме моменти на неизмерна еуфорија.
Дали мислите дека тој еден е најголемиот играч во историјата на фудбалот?
Алвес: Можам да зборувам само за играчи што сум ги видел. Видов неколку огромни таленти, но тие не беа во можност да одржат ваков стандард од највисоко ниво толку, толку долго. Значи, и покрај тоа што е Аргентинец, ќе признаам: Меси е најголемиот играч во историјата.
Што мислите, кој е најдобриот играч на светот денес?
Алвес: Нејмар е најдобриот играч на светот денес.


Големата педесетка

Имате 43 сениорски титули со клубови и со репрезентацијата. Како се чувствувате и дали размислувате да станете првиот играч што освоил 50?
Алвес: Јас навистина сум горд на себе. Размислувам колку се борев за сето ова. Мислам дека треба да целите кон ѕвездите. Да, мислам на оваа бројка. Големата педесетка. Мислам дека би било неверојатно, историско. Се надевам дека ќе можам да ја освојам големата педесетка пред да се повлечам и се надевам дека тоа ќе го вклучува и Светското првенство.