Фото: Игор Бансколиев

Академија Пандев е 17-от македонски тим во европските купови. Денеска првите мечеви од првото квалификациско коло за ЛЕ ги играат и Македонија ЃП и Шкупи, кои гостуваат во Ерменија, кај Алашкерт, односно кај Пјуник

Академија Пандев, годинашниот победник во Купот на Македонија во фудбал, вечерва (арена „Тодор Проески“ во Скопје, од 19 часот), го игра деби-мечот во европските купови. Во првата квалификациска рунда во Лига Европа (ЛЕ), Академија Пандев за противник го има Зрињски од Мостар, БиХ. Пандевци се вкупно 17-ти клуб од Македонија што настапува во Европа.
– Добро сме подготвени, малку сме и возбудени, сепак, ова е прв европски, историски натпревар за клубот што постои нецела деценија. Нема да ни биде лесно, играме против искусна екипа, која игра цврсто во одбраната, со повеќе играчи на средината на теренот. Играат во формација 4-3-2-1, компактни се во одбраната, не постигнуваат многу голови, но и не примаат. Гледавме неколку снимки од нивни натпревари, летово се засилија, ангажираа неколку нови искусни играчи, имаат и нов тренер (Хари Вукас, кој неодамна го замени Блаж Слишковиќ – н.з.), знаеме кои им се добрите, но и лошите страни и се надевам на позитивен исход. Зрињски е мал фаворит поради поголемото искуство, ние имаме помлада екипа, а јас би бил задоволен со минимална победа, па и со реми, без примен гол – вели Југослав Тренчовски, тренерот на Академија Пандев.

Зрињски, шесткратен шампион на БиХ (лани беше втор, зад Сараево), е речиси редовен учесник во квалификациите за европските купови, како за ЛЕ, така и за Лигата на шампионите (ЛШ), иако без позабележителни постигнувања. Во сезоната 2007/2008, во второто квалификациско коло во тогашниот Куп на УЕФА (сега ЛЕ), Зрињски играше против Работнички и беше елиминиран (0-0 и 1-2).

Денеска првите натпревари од првото квалификациско коло во ЛЕ ги играат и преостанатите два македонски тима што гостуваат во Ерменија. Шкупи игра против Пјуник во Гимри (од 15.30 часот), а Македонија Ѓорче Петров се среќава со Алашкерт, во Ереван (од 17 часот).

Од екипите со македонски интернационалци денеска играат, на пример, АЕК на Иван Тричковски и на Даниел Мојсов (против Петрокуб), Раднички на Александар Тодоровски (со Флора), Види на Бобан Николов (со Зета), Широки бријег на тренерот Гоце Седлоски (со Каират) итн. 


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛЕ
Пјуник – Шкупи 15.30 ч.
Алашкерт – Македонија ЃП 17 ч.
Академија Пандев – Зрињски 19 ч.