Покрај вчерашниот незначаен, но разочарувачки пораз на Манчестер јунајтед во последното 38-мо коло од англиската фудбалска Премиер-лига, од испаднатиот Кардиф, новинарот Си Лојд забележа една навистина необчина ситуација. На грбот на дресот на еден од навивачите на Јунајтед стоеше презимето Агуеро, на главниот играч на градскиот ривал Манчестер сити, пренесува Би-би-си. 

Социјалните мрежи во неверување ја пренесуваа оваа чудна ситуација, а поголемиот дел од јавноста одеше дотаму да верува дека поголемиот дел од навивачите на Јунајтед толку го мразат Ливерпул, што попрво ќе го стават името на Агуеро на нивните сопствени дресови, отколку нивниот најголем ривал по 30 години да ја освои титулата во Премиер-лигата.

На крајот од приказната, излегува дека станува збор за недоразбирање, а не за невкусна шега. Навивачот на „црвените ѓаволи“ всушност се вика Ленард Агуеро, со што Австралиецот барем на кратко ги збуни навивачите. Новинарот Лојд, кој првично го критикуваше овој љубител на фудбалот, се извини, и потоа посочи дека немал намера да го понижи или навреди навивачот кој допатувал од Австралија за да го гледа омилениот клуб. Тој, пак, сметал дека е доволно тоа што го изоставил прекарот на Серхио Агуеро – Кун од сопствениот дрес и го ставил бројот седум, но се испостави дека не е така. 

Но, како што пренесува Би-би-си, навивачот Агуеро не е едниствениот кој е во ваква ситуација. На Твитер јавија и други луѓе со слични проблеми, па така навивач на Лидс не можел да го стави неговото презиме Барнсли на својот дрес, извесен Џејмс Лампард кој исто така е навивач на Манчестер јунајтед, се соочувал со закани и со негативни коментари откако го ставил сопственото презиме на дресот од неговата екипа, кое случајно е исто со она на легендата на Челси, Френк Лампард.

Слични проблеми имале и Џо Руни кој е навивач на Челси, како и девојка со името Челси која навива за Арсенал.