Англискиот фудбалски премиерлигаш Челзи, ги демантира информациите објавени во весникот „Сандеј тајмс“, дека рускиот милијардер Роман Абрамович, планира да го продаде лондонскиот клуб. Британскиот весник објави дека Абрамовиќ им бил лут на британските власти, кои наводно не му ја продолжиле визата за престој во Англија и дека раководството на клубот, кое го води во име на Абрамович, веќе ангажирало советници, кои ќе направат процена и подготовка за продажба на клубот.

Според весникот, Абрамович ја одбил понудата на американската компанија „Силвер лејк партнерс“, која сакала да купи малцински удел во клубот. Пред два месеца, се појави вест дека најбогатиот човек во Британија, сер Џим Ретклиф, се обидел да го купи Челзи за две милијарди фунти, но дека и неговата понуда била одбиена. Богатството на Абрамович се проценува на девет милијарди фунти. Тој во 2003 година стана сопственик на лондонскиот клуб, кој го купи за 140 милиони фунти од тогашниот сопственик Кен Батес.