Ќе се формира европска премиер-лига?

81

Почетокот на ова натпреварување би бил во 2022 година, со учество на 16-18 врвни европски клубови, натпреварите би се играле дома и на гости за време на регуларната сезона, а подоцна со нокаут-средби до титулата

ФУДБАЛ

По проектот „Голема слика“ за реформи во англискиот врвен фудбал, особено во Премиер-лигата, сега се најавува европска премиер-лига. Во „главна улога“ повторно се Ливерпул и Манчестер јунајтед, наводно во содејство со Светската фудбалска федерација (ФИФА), со Арсенал, Челси, Манчестер сити, Тотенхем, како и со други врвни европски клубови, од Италија, Шпанија, Франција и од Германија, сето тоа поткрепено со финансиски пакет од околу шест милијарди долари, објави британскиот „Скај спорт“.
Почетокот на ова натпреварување би бил во 2022 година, а се очекува да има од 16 до 18 екипи, со натпревари дома и на гости за време на регуларната европска сезона. Најдобропласираните тимови во таа Лига во завршницата би играле според нокаут-систем, а наградниот фонд за најдобрите би изнесувал стотици милиони долари.
– ФИФА не сака да коментира и да учествува во какви било шпекулации и теми што се појавуваат одвреме-навреме, а за кои институционалните структури и регулаторните рамки се добро воспоставени на национално, европско и на глобално ниво – изјави портпаролот на ФИФА.
Една влијателна личност во фудбалската индустрија за „Скај спорт“ истакнува дека официјалното соопштение за плановите би можело да следува до крајот на овој месец. Дотогаш би требало да се прецизираат голем број клучни детали, вклучувајќи го и списокот на клубовите учесници.

– Претседателот на УЕФА во многу наврати јасно стави до знаење дека УЕФА силно се спротивставува на создавање суперлига. За принципите на солидарност, на промоција, испаѓање и отворени лиги нема договарање. Тоа е она што го прави европскиот фудбал да функционира и ја прави Лигата на шампионите најдоброто спортско натпреварување во светот. УЕФА и клубовите се обврзаа да го поддржат тоа натпреварување, а да не го уништат за да создадат суперлига со 10, 12, па дури и 24 клуба, која неизбежно ќе стане досадна – изјави портпаролот на УЕФА.
Без поддршката на УЕФА, новиот турнир за кој наводно се залага ФИФА би значел поткопување на најбитното годишно натпреварување под ингеренција на УЕФА, кое генерира најмногу приходи, можни се и низа правни мерки, со оглед на комплексноста на постојните договори со кои се обврзани врвните клубови, пишува „Скај спорт“.