Ќе се игра, но само ако се создаде еден вид посебен меур за фудбалерите

76

Мора да се размисли како да бидат во можност да играат играчите и клубовите на Бундес-лигата. Тие ќе треба да продолжат да живеат под посебни безбедносни услови, целиот тим ќе мора да биде во посебен карантин и да биде претестиран пред секој меч. Од чисто виролошка гледна точка, проблемот може да се реши, но само ако се создаде еден вид посебен меур за фудбалерите. Не би планирал ништо со навивачи сезонава, тоа би било преоптимистички, вели вирологот Александар Кекуле, директор на Институтот за медицинска микробиологија при универзитетскиот медицински центар „Хале“

Фудбалерите на Баерн од вчера повторно тренираат, првпат откако на 13 март беше суспендирана сезоната во Бундес-лигата, поради пандемијата на коронавирусот. Препораката на Германската фудбалска лига беше клубовите да не тренираат до 5 април.
– Првиот тим на Баерн ќе почне повторно да тренира во мали групи од 6 април. Тоа ќе биде направено во координација со владината политика и со релевантните органи. Не треба да се каже дека сите правила за хигиена ќе бидат строго почитувани. Тренинзите ќе се одвиваат без присуство на јавноста, а за дополнително забавување на ширењето на коронавирусот, ФК Баерн бара од навивачите да продолжат да ги следат инструкциите на властите и ве молиме да не доаѓате на тренинзите – се вели во клупското соопштение од пред неколку дена.
Од друга страна, натпреварите во Бундес-лигата би можеле да продолжат во мај со драконски мерки, со натпревари зад затворени врати и со исклучително внимателно набљудување на играчите, вели вирологот, Александар Кекуле, директор на Институтот за медицинска микробиологија при универзитетскиот медицински центар „Хале“.

– Сѐ е можно. Мора да се размисли како да бидат во можност да играат играчите и клубовите на Бундес-лигата. Тие ќе треба да продолжат да живеат под посебни безбедносни услови, целиот тим ќе мора да биде во посебен карантин и да биде претестиран пред секој натпревар. Од чисто виролошка гледна точка, проблемот може да се реши, но само ако се создаде еден вид посебен меур за фудбалерите. Не би планирал ништо со навивачи сезонава, тоа би било преоптимистички – истакнува Кекуле.
Ниту една од поголемите лиги во светот уште не објавила кога би можела да ги продолжи натпреварите од сезонава. Англиската Премиер-лига во петокот потврди дека нема шанси сезоната да продолжи во почетокот на мај.