Јазот помеѓу богатите и сиромашните клубови е сѐ поголем

103
Александер Чеферин

Тимовите од петте најголеми европски фудбалски лиги имале 75-отстотен удел во вкупните приходи од 21 милијарда евра во 2018-та

Клубовите од англиската Премиер-лига оствариле повеќе приходи во 2018 година отколку тимовите во 50 од вкупно 55 земји-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА), се наведува во најновиот извештај на оваа организација. Во извештајот, кој дава детален преглед на европскиот фудбалски пејзаж, се открива дека во финансиската 2018 година, 20-те премиерлигаши заработиле 5,4 милијарди евра, што е повеќе од 5,25 милијарди евра што ги заработиле екипите во 50 европски земји. Од тие земји, 20 различни клубови имаат освојувано трофеи на УЕФА.

Концентрацијата на приходите во петте најголеми европски лиги (во Англија, Шпанија, Германија, Италија и во Франција), исто така, беше илустрирана со фактот дека тимовите од тие земји имале 75-отстотен удел во вкупните приходи од 21 милијарда евра. Прелиминарниот извештај за 2019 година сугерира дека 30-те најбогати европски клубови ќе имаат удел во повеќе од половината од вкупните приходи и во следното издание.

– Во извештајот се наведуваат голем број закани за континуираната стабилност и успехот на европскиот фудбал. Тука се ризиците од поларизација на приходите поттикнати од глобализацијата, медиумските влијанија и случаите на преголема зависност од активностите на трансфер-пазарот – вели во предговорот на извештајот првиот човек на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин.

Забелешките на Чеферин следуваат една година откако УЕФА предложи радикални измени во форматот на Лигата на шампиони (ЛШ). Чеферин посочува на фактот дека во извештајот, втора година по ред, 700-те водечки клуба во земјите-членки на УЕФА имале вкупен профит од 140 милиони евра. За споредба, во 2011 година, пред воведувањето на системот за контрола на трошењето, односно „финансискиот ферплеј“, нивната загуба изнесувала 1,7 милијарда евра.

Финансиската доминација на клубовите од Премиер-лигата главно се должи на приходите од ТВ-правата. Во извештајот е утврдено дека 17 од 20-те клуба со најголема заработка во Европа биле од Англија и оти 53 проценти од приходите на премиерлигашките клубови се од ТВ-правата. Во финансиската 2018 година, 12 англиски екипи оствариле профит, а во 2017-та шест повеќе, 18.

Платите за играчите во клубовите низ Европа се зголемиле за 9,4 отсто, односно за нив се издвојуваат 64 отсто од приходите. Меѓу 20 клуба со највисоки плати за играчи, девет се од Англија. Пет од тие 20, Барселона, Евертон, Лестер, Монако и Кристал палас, за плати издвоиле над 70 отсто од приходите. 


Вредноста на 20 најскапи тима пораснала за 26 отсто за една година

Клубовите трошат големи суми, за да бидат успешни во домашните лиги и во европските фудбалски купови. Во извештајот на УЕФА се открива дека вредноста на првите 20 најскапи тимови на континентот на крајот од финансиската 2018 година пораснала за 26 отсто во споредба со една година порано. Најскап тим има првакот на Англија, Манчестер сити, кој се проценува на 971 милион евра. Потоа следуваат Манчестер јунајтед (887), Реал (790), ПСЖ (780), Челси (747), Барселона (700), Јувентус (623), Ливерпул (548), Арсенал (542), Баерн (496), Интер (471), Рома (450), Евертон (409), Милан (403), Тотенхем (369), Монако (340), Наполи (306), Атлетико (286), Лестер (268) и Саутепмтпон (252 милиони евра). Л.Д.