Тој беше страв и трепет за голманите. Партизан му ја отвори вратата да биде првиот Македонец што заиграл во Премиер-лигата. Христов во богатата кариера настапуваше во клубови во девет земји и секаде беше прв стрелец. На репрезентативната голгетерска листа е втор, зад Горан Пандев

За Ѓорѓи Христов не треба многу да се зборува, за да се добие слика за неговите фудбалски квалитети. Доволно е да се каже дека секаде каде што настапуваше беше меѓу првите стрелци, а на сениорската македонска репрезентативна голгетерска листа е втор, веднаш зад сѐ уште актуелниот Горан Пандев. Инаку, Христов, како и сите млади деца од Битола, прво заигра во Пелистер. Таму уште од пионерските денови беше забележан од искусниот Цане Грбевски, кој во него виде голем талент.
Но прашање беше дали тој талент ќе се манифестира и на теренот, односно ќе стане ѕвезда или, како што често се случуваше, да остане талент само на хартија. Со Христов, за среќа за него, а и за македонскиот фудбал, се случи она првото. Успеа да се пробие во елитата и да стане еден од најдобрите голгетери што ги дало битолското фудбалско поднебје. Тој со време стана вистински мајстор за голови и во него многу тренери, во најкритичните моменти, го гледаа спасот.

Можеби токму поради тие голгетерски способности уште како младинец стана интересен за повеќе клубови, меѓу кои и оние од големата „четворка“. Така, се случи на 18-годишна возраст да потпише професионален договор со Партизан, што беше сон за секој фудбалер.
– Кога почнав да играм за Пелистер, прво со мислите бев кариерата да ја продолжам во Вардар, за кој настапуваа речиси сите поквалитетни битолски фудбалери. Но не се случи тоа – мојот пат беше поинаков, го скокнав Вардар и заминав во Партизан – вели тој.

НАЈМЛАД ДЕБИТАНТ

Интересно е да се каже дека Христов имаше една „брза“ кариера и, како што го скокна Вардар, тој ги прескокнуваше и младите категории во Пелистер, па така се случи со 16 години да дебитира за првиот тим. Тогашниот тренер, штипјанецот Драган Христовски, кој своето искуство го добиваше и како активен фудбалер во љубљанска Олимпија, се реши на еден храбар чекор. На прволигашкиот меч со Раднички во Ниш, за кој меѓу другите настапуваше и подоцнежниот „Бразилец“ Петковиќ-Рамбо (пред Бразил играше и во Реал од Мадрид), во игра го уфрли Ѓорѓи Христов.

– Навистина, загубивме со 2-0, но тој натпревар секогаш ќе го паметам. И самиот не можев да верувам дека толку млад, со само 16 години, се најдов во првиот тим на Пелистер, и тоа во натпревар во Првата југословенска лига – вели Христов.
Потоа, коцките почнаа да се редат онака како што очекуваше и посакуваше младиот фудбалер. Тој стана личност за која многу се говореше. За него почнаа да се интересираат многу клубови, но тој уште две години остана во Пелистер и мина низ рацете на искусните тренери Кире Груевски и Зоран Смилевски, за подоцна, кога стана сениорски репрезентативец на Македонија, да тренира под палката на нашиот најуспешен селектор Ѓоко Хаџиевски.
– Интересно е дека сите мои претходници, кои заминуваа од Битола прво беа тренирани од Хаџиевски. Со мене не се случи тоа, зашто кога тој го водеше сениорскиот тим, јас настапував за младинската екипа. Кога созреав и дојдов меѓу првотимците, Ѓоко веќе беше заминат и стана тренер на нашиот фудбалски бренд Вардар – вели Христов.
Од настапите за Пелистер, Христов се сеќава уште на два – едниот непријатен, а вториот радосен.

– По распадот на поранешната држава игравме во своја лига, па, така, имавме меч со тогаш силната Слога Југомагнат. Ние бевме домаќини, трибините беа преполни, а јас при резултат 0-0, од еден метар биев со глава и промашив цел гол. Иако бев млад, публиката не можеше да ми го прости тоа и почна да ми свирка. Се чувствував непријатно и безнадежно, одвај го доиграв натпреварот, а потоа разочарано помислував дури и да се откажам од фудбалот. Престанав да одам и на тренинг. Но по три-четири дена ме сретна Цапарот (Канатларовски – н.з.), кој пред да ја продолжи кариерата повторно во странство, дојде во Пелистер. Тој ме праша што се случува со мене, зошто ме нема на тренинзите? Му објаснив дека се срамам од она промашување, а тој се насмеа и ми рече: „Попладне да те видам на тренинг“. Се вратив, продолжив да тренирам и, за моја среќа, брзо дојде радосниот момент, кога го постигнав првиот гол, против Рудар од Пробиштип, на чие кормило тогаш се наоѓаше Андон Дончевски. Оттогаш кариерата почна да оди во нагорна линија и така стигнав во Партизан – рече Христов.

ПРВ ГОЛ ПРОТИВ ВОЈВОДИНА

Доаѓањето на Христов во Партизан во 1994 година, кога имаше 18 години, не беше неочекувано. Напротив, тоа беше планирано, зашто тој уште од поодамна беше следен од тренерите на популарниот клуб, а голем придонес за доаѓањето во црно-белиот табор имаше и генералниот секретар Стојанче Ристевски, кој потекнуваше од Кичево.

– Тој ја одигра главната улога, а тренерот Владица Ковачевиќ, кој претходно ме имаше гледано, веројатно оцени дека сум зрел и за првиот тим, па му препорача на стручниот штаб веднаш да ме вклучи во тренажниот процес. Сепак, големите клубови, каков што е Партизан, имаат своја стратегија. Јас навистина бев третиран како првотимец, но поголема минутажа имав настапувајќи за младиот тим. Таа адаптација траеше речиси една година. Дури следната станав стандарден и почнав да постигнувам голови. Се сеќавам, првиот гол го постигнав против Војводина. Интересно е што во големите клубови се случува, и покрај тоа што си постигнал гол и си го решил мечот, на следниот натпревар да не бидеш ниту резерва. И тоа е дел од таа стратегија, младиот играч да не „лета“, туку да остане цврсто на земја. Некогаш ќе постигнев и хет-трик, весниците ме величаа и опсипуваа со епитети, истакнувајќи ги моите голгетерски способности, а јас следната недела не бев ниту на клупата – вели Христов.

Во годините додека беше во Партизан, Христов ги одигра и оние традиционално возбудливи мечеви со Црвена звезда. Во дуелите од вечното дерби постигна и два гола, што, секако, му се пишува како голем плус од ерата помината во Партизан.

– Меѓутоа, токму поради тие добри игри и многуте голови што ги постигнував, знаев дека се ближи крајот на мојот престој во црно-белиот табор. Некогаш и да сакаш да останеш, бидејќи си се адаптирал на средината, тоа не зависи од тебе туку од политиката на клубот. Така, кога бев во зенитот, веројатно за поголем финансиски профит, морав да заминам во премиерлигашот Барнсли. Овој трансфер ми годеше и од причина што бев првиот Македонец во најсилната европска лига, во која тешко се доаѓаше и таа беше магнет за секој фудбалер. Впрочем, и денес, кој не сака да игра во Премиер-лигата – вели Христов.

За Барнсли, кој во таа сезона испадна од елитното друштво, Христов одигра 25 средби и постигна четири гола. Следната година, во втората по квалитет англиска лига, македонскиот интернационалец имаше тешка повреда на лигаментите, па мораше подолг период да паузира. Во финишот од првенството се врати и беше актер во последниот меч на стариот стадион „Вембли“, кој по овој натпревар почна да се реновира за да го добие денешниот лик.

– Имав шанса во финишот од таа последна средба да постигнам гол, но промашив зицер. Инаку, ќе бев последниот стрелец на стариот „Вембли“ – вели Христов.

ПОЧНУВА ФУДБАЛСКАТА ОДИСЕЈА

Ѓорѓи Христов истовремено настапуваше и за сениорската репрезентација на Македонија, во која Хаџиевски од младата селекција на нашата земја, преквалификува неколку фудбалери. За сениорскиот тим дебитира во Ереван, 2-2, со Ерменија, во 1996 година.

– Често ме мачеа повредите, но поради атмосферата во репрезентацијата бев тука и доаѓав на секој репрезентативен повик. Се сеќавам на квалификацискиот меч за ЕП во Белгија и во Холандија во 2000 година, со Хрватска во Скопје. Иако, уште имав последици од една повреда, бев на клупата. Хрватите водеа со 1-0, а јас како да почувствував дека е дојден мојот момент и постојано му довикнував на Хаџиевски: „Уфрли ме во игра, ќе постигнам гол“. Доаѓав сѐ поблиску до него и веројатно од моето постојано инсистирање му се смачи, па ми рече: „Ајде влегувај“. Влегов во игра и по нецела минута-две, по една брза акција, кога се најде топката пред мене рутинирано ја пласирав во голот. Во истиот момент преполниот Градски стадион во Скопје како да експлодира, дојде до вистински делириум, јас бев стрелец на израмнувачкиот гол – продолжи Христов.

Ова беше еден фрагмент од репрезентативната кариера. Тој и на другите средби постигнуваше голови, па така стана прв стрелец. Подоцна оваа позиција му ја препушти на Горан Пандев. Што се однесува до клупската кариера, таа течеше вака: по Барнсли, Христов ја продолжи кариерата во Нијмeген, на чие кормило се наоѓаше легендарниот Јохан Нескенс.

– Преселбата во Холандија беше моја одлука, а не на клубот. Едноставно, почувствував дека во првенството на оваа земја, кое беше порелаксирачко од она во Англија, ќе можам многу да покажам. И навистина така беше, тука ги доживеав најубавите години од мојата фудбалска кариера. Бев прв стрелец на клубот, а првпат во клупската историја се случи еден играч на две средби во интервал од три дена да постигне два хет-трика: прво против Гронинген, а потоа и против Витесе, лутиот ривал на Нијмeген. Овој подвиг уште не е надминат – рече Христов.
Но повредите и понатаму го следеа, па откако замина во Зволе, повторно мораше да паузира, поради втората операција на лигаментите.
– Паузата за закрепнување долго траеше. Откако повторно излегов на теренот, дојде понуда од шкотскиот Данфермлајн. Меѓутоа, таму се играше на вештачки терен, кој мене, што ме следеа повреди, воопшто не ми одговараше, па брзо се преселив во Дебрецен, во Унгарија. Таму ми беше полесно да играм, зашто голема беше разликата од унгарскиот до западноевропскиот фудбал. Но тежнеејќи секогаш за нешто ново,заминав во израелски Хапоел. Потоа се преселив на Кипар и заиграв за Олимпијакос од Никозија. Сепак, тука не заврши мојата фудбалска одисеја. Оттаму повторно се вратив во Холандија, во редовите на Ден Бош. Следна дестинација ми беше Баку, Азербејџан. Сакав да го почувствувам тамошниот амбиент, а кога веќе бев на залез од кариерата, се преселив во Јивискила во Финска, каде што навистина ми беше прекрасно. Таму и не морав многу да тренирам, бидејќи тренерот беше помлад од мене и со респект ме гледаше. Му бев потребен само за натпреварите – да постигнувам голови – продолжува Христов.

Помина и тоа фудбалско патешествие, по кое Ѓорѓи Христов се враќа во Македонија. Тој беше тренер и спортски директор на Металург.
– Сепак, кога ќе погледнам назад, најпријатно се чувствував во дресот на македонската репрезентација. За оној гол со Хрватска веќе кажав, но во приказната ќе ги додадам и двата гола во победата со 3-2 против Република Ирска. Еден од тие два гола мислам дека е најубав гол во мојата кариера. Единствено жалам што во ерата на Хаџиевски не успеавме да се пласираме во баражот за СП 1998 во Франција, иако бевме многу блиску да го оствариме тоа. Меѓутоа, неочекувано загубивме од Литванија и тоа беше крај на надежите – ја завршува својата приказна Христов.