Ѓорѓиоски замина од ФФМ, ќе биде советник во УЕФА

157

Ѓорѓиоски поднесе оставка на претседателската функција во ФФМ и од 1 август ќе биде дел од тимот на УЕФА задолжен за развојот на фудбалот, како консултант и советник. Најдоцна за шест месеци треба да биде избран нов претседател на ФФМ

Илчо Ѓорѓиоски се повлече од претседателската функција во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и од 1 август ќе биде дел од структурите на Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Во УЕФА ќе бидам дел од тимот задолжен за развојот на фудбалот, не само на Балканот туку и пошироко во Европа, како консултант и советник на различни проекти. Станува збор за ангажман што временски не е ограничен. Чест ми е што добивам шанса да работам во УЕФА и верувам дека имам капацитет успешно да ги извршувам обврските и да помогнам во унапредувањето на фудбалот – ни изјави Ѓорѓиоски, кој неодамна беше и дел од неколкучлената работна група на Светската фудбалска федерација (ФИФА) задолжена за разгледување на понудите за организација на Светското првенство (СП) во 2026 година.

Ѓорѓиоски беше избран за прв човек на ФФМ во 2012 година, реизбран во 2013-та и повторно во 2017-та, со нов четиригодишен мандат, до 2021 година. Според статутот на ФФМ, во наредниот период претседателската функција во ФФМ, до изборот на наследник на Ѓорѓиоски, ќе ја врши потпретседателот Муамед Сејдини.
Членот 93 од статутот вели дека „во случај на привремена или трајна спреченост на претседателот да ја извршува функцијата, функцијата на предлог на претседателот или на УО ќе ја извршува еден од потпретседателите до престанување на околностите што довеле до спреченоста за извршување на функцијата. Доколку спреченоста за извршување на функцијата трае повеќе од шест месеци, се закажува седница на собранието, редовна или вонредна, за избор на нов претседател на ФФМ, за преостанатото времетраење на мандатот (во случајов до 2021)“.

Во периодот на раководењето на Ѓорѓиоски со ФФМ, Скопје и Македонија лани во август ја добија организацијата на Суперкупот на УЕФА (Реал – Манчестер јунајтед 2-1). Тој беше заговорник и на идејата клубовите од Балканот што нема да се пласираат во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) да продолжат да играат меѓу себе во термините на мечевите во ЛШ и во ЛЕ.
Ѓорѓиоски е четвртиот претседател на ФФМ по осамостојувањето на Македонија, по Љубисав Иванов (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002) и Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012). Тој е првиот што доброволно заминува од функцијата.


Советници во УЕФА се и Фиго и Станковиќ

Како што стојат работите, Илчо Ѓорѓиоски во УЕФА ќе соработува со португалската фудбалска легенда Луис Фиго, кој од октомври лани е советник. Тој е задолжен за техничките аспекти на фудбалската игра, за правилата на играта и за атрактивноста на овој спорт. Фиго е и водечка фигура во програмата на амбасадорите на УЕФА. Покрај Фиго, во слична советничка улога во УЕФА се и Србинот Дејан Станковиќ и Германката Надин Кеслер, која е шефица на женското фудбалско одделение при УЕФА. Л.Д.