Што ќе решава – нијанса, потег, инспирација, среќа, тактичка зрелост…?

186
Кевин де Брујне, Килијан Мбапе, Лука Модриќ и Хари Кејн

Во пресрет на полуфиналињата на СП 2018, разговаравме со тројца македонски тренери, кои сметаат дека Франција, Белгија, Англија и Хрватска заслужено се во полуфиналето, но ги издвојуваат Белгија и Хрватска

Вечерва почнува разврската на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија, со првото полуфинале, Франција – Белгија, а утре е мечот Англија – Хрватска. Во пресрет на овие дуели разговаравме со тројца македонски тренери за тоа што ќе решава во вакви нокаут-средби од самата завршница на едно СП.
– Нема фаворити, мислам дека ќе решаваат нијанси, индивидуален потег, моментна инспирација, малку спортска среќа, како во полуфиналињата, така и во големото финале. Шансите се еднакви. Вкупно, лично, моите симпатии се на страната на Хрватска, посакувам таа да се закити со титулата, иако претходно, против Англија во утрешното полуфинале, ја очекува многу тежок меч. Англија е во мала предност, бидејќи Хрватите имаа два многу напорни меча со Данска и со Русија, во кои играа по 120 минути и потоа изведуваа и пенали.

Хрватска има многу квалитетен, избалансиран тим, со неколку екстра-квалитетни поединци, како Лука Модриќ, Иван Ракитиќ, Марио Манџукиќ, но играат со срце на секој меч и даваат максимум. За мене ова е доста квалитетно СП, иако меѓу четирите најдобри ги нема полуфиналистите од СП 2014, Бразил, Германија и Аргентина. Белгија, Франција, Хрватска и Англија имаат квалитетни состави, со одлични поединци и ја искористија дадената шанса и целосно заслужено се најдоа во ситуација да разигруваат за титулата – вели Ѓоре Јовановски, некогашниот македонски селектор, а сега тренер на Работнички.
Македонскиот стручњак Горазд Михаилов очекува финале Белгија – Хрватска.
– За денешниот меч, според тоа што го видовме, двете селекции заслужено се во полуфиналето. Франција одигра повеќе на резултат, рутинирано, стабилно. Таа има играчи што можат сами да решат меч. Франција е компактна, дисциплинирана, но на Белгија ѝ давам мала предност. Таа е подобра во играта еден на еден. Дуелот вечерва ќе биде неизвесен и ќе биде битка на средината од теренот. Во утрешното полуфинале, пак, предност ѝ давам на Хрватска. Англија има тимски дух, цврст среден ред, нема ѕвезда како во минатото, игра дисциплинирано, има брзи офанзивни играчи.

Хрватска на двата нокаут-меча можеби не импресионира, но заслужи да игра во полуфиналето и, според квалитетот што го има, е фаворит во дуелот со Англија. Но во вакви мечеви решава и тоа кој ќе покаже поголема тактичката зрелост. Очекувам финале Белгија – Хрватска. Фудбалската игра на ова СП доживува трансформација, стилот сѐ повеќе се базира на индивидуалниот потег и на тимската одбрана. Тики-така полека ги губи својот шарм и значење. Многу голови беа постигнати од прекин, а малку имаше стопроцентни промашени шанси, што значи дека аналитичарите во репрезентациите работат до тој степен што сѐ е затворено. На ова СП на значење доби тактиката на слободен удар, бидејќи видов многу интересни решенија – вели Михаилов.

И македонскиот фудбалски тренер Драган Христовски смета дека Франција, Белгија, Хрватска и Англија заслужено стигнаа до полуфиналето.
– Тие одиграа најконстантно досега. Пријатно изненадија Јапонија и Јужна Кореја. Сметам дека Хрватска го достигна максимумот, а и малку дејствуваат преморено. Најмногу шанси за титулата, сепак, ѝ давам на Белгија, предводена од одличните Еден Азар и Кевин де Брујне. Генерално, не сум задоволен од досега прикажаното на ова СП. Очекував многу повеќе, пред сѐ во начинот на играта, иновативноста, идејата, атрактивноста… Дефинитивно се покажа дека играта тика-така е веќе минато, она на што укажуваше пред четири-пет години славниот Франц Бекенбауер. Овде гледаме лажен посед на топката, кој се гради на сопствената, а не противничката половина, а и селекциите дејствуваат физички неподготвени за ваков турнирски систем на игра. Не се трча доволно ниту, пак, побрзо отколку порано, а естетско доживување на теренот, освен во изведувањето на пеналите, и нема. Едноставно, фудбалот како да виси во воздух на ова СП – рече Христовски. Л.Д.; Г.М.; Г.И.