Шпанската фудбалска федерација забрани мечеви во петоците и во понеделниците

63
Момент од мечот Атлетик - Барселона минатата сезона

Од Ла лига велат дека оваа одлука е закана за нивниот договор за ТВ-права од две милијарди евра, по што е закажано судско сослушување за 7 август, една недела пред почетокот на новата сезона

Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) одлучи натпреварите од најсилното домашно натпреварување, Ла лига, да не се играат во петоците и во понеделниците без одобрение од РФЕФ, објави Би-би-си. Првите три кола за сезоната 2019/2020 веќе беа закажани, меѓу кои Атлетик Билбао е домаќин на шампионот Барселона во првото коло, на 16 август, петок. Но РФЕФ сега ги презакажа овие мечеви.

– Шпанските фудбалски навивачи не сакаат натпревари во овие денови. Особено не во понеделниците, оти за нив е многу тешко да уживаат во натпреварите – велат од РФЕФ.
Од Ла лига велат дека оваа одлука е закана за нивниот договор за ТВ-права од две милијарди евра, по што е закажано судско сослушување за 7 август, јавува Би-би-си. Промените направени од РФЕФ значат дека сезоната ќе биде отворена со мечот Атлетик – Барселона еден ден подоцна од првично планираното.

– Со ова незаконско однесување претставниците на РФЕФ предизвикуваат конфузија во националниот и во меѓународниот радиодифузен простор. Овие службеници немаат поим за последиците од нивните неодговорни дејства. Ова нема цел, ништо нема да се промени, тоа само создава конфузија, што е единственото нешто што знаат да го направат – рече претседателот на Ла лига, Хавиер Тебас, како што пренесе Би-би-си.
Во моментов и од РФЕФ и од Ла лига велат дека одлучуваат за распоредот на мечевите. Ла лига го нарече потегот на РФЕФ напад и рече дека е „единствената компетентна организација што треба да утврди распоред и датуми во националниот професионален фудбалски календар“. РФЕФ соопшти дека ја донесе одлуката „поради нееднаквостите откриени помеѓу одобрениот календар и деновите и утврдените распореди“ и тоа дека „распоредот е работа на Лигата, а деновите се на РФЕФ“, објави Би-би-си.

Ова е најновата епизода во долготрајниот спор помеѓу двете организации. Тие се судрија и поради обидот на Ла лига да организира меч од домашната лига помеѓу Жирона и Барселона, во Мајами (САД), во јануари, за што РФЕФ не даде дозвола.