Шпанската фудбалска лига ќе продолжи со дерби на 11 јуни

37

Со дербито без публика Бетис – Севилја, на 11 јуни, би можела да продолжи прекинатата сезона во шпанската фудбалска Ла лига. Шефот на Ла лига, Хавиер Тебас, ги предупреди фудбалерите да бидат „претпазливи во своите постапки“, откако четворица играчи на Севилја се извинија за прекршување на правилата за социјални собирања.

Шпанија ги олесни строгите правила, но собирите на повеќе од 10 лица уште не се дозволени. Премиерот Педро Санчез даде дозвола првите две шпански лиги да продолжат од 8 јуни. Фудбалот во Шпанија беше суспендиран на 12 март поради пандемијата на коронавирусот. Минатата недела фудбалерите почнаа со тренинзи во групи. Треба да се доиграат 11 кола, Барселона води со два бода предност пред Реал Мадрид.

– Наша следна цел е да се продолжи со целосни тренинзи и ако го постигнеме тоа, тогаш ќе можеме да размислуваме за продолжување на натпреварите. Се надевам дека наскоро би можеле да го објавиме распоредот на мечевите во првите четири кола – изјави Тебас.