Човекот со највредниот дрес на Марадона не го дава ниту за милиони

392

Поранешниот англиски репрезентативец Стив Хоџ, човекот што се смени со дресовите со Диего Марадона по славното четврт-финале на Светското првенство во 1986 година, вели дека дресот со кој се постигнати двата најславни гола на Ел Пибе дел Оро не се на продажба, иако процената е дека е вреден околу 2 милиона долари.

Хоџ во интервју за Би-би-си открива дека имал непријатна недела во која постојано добивал прашања за дресот на Марадона по неговата смрт на 60-годишна возраст. 58-годишниот Хоџ се смени со дресовите со Марадона на „Ацтека“ во Мексико Сити кога тој постигна два славни гола – еден со рака (Божјата рака) и еден со неверојатен дриблинг за да се пласираат во полуфиналето. Дресот се чува во Националниот фудбалски музеј во Манчестер.
– Го имам дресот 34 години и ниту еднаш не се обидов да го продадам. Ми се допаѓа што го имам и за мене има неверојатна сентиментална вредност. Луѓето постојано се заинтересирани за дресот и беше малку непријатно. На интернет, дури имаше вести дека сум барал милион или два милиона, но тоа е сосема погрешно. Не е на продажба, не се обидувам да го продадам – вели Хоџ.

Хоџ, кој својата автобиографија ја нарече „Човекот со дресот на Марадона“, го имаше најдобриот поглед на вториот гол на Марадона обидувајќи се да го сопре неговиот продор.

– Уште ми велат: ‘Зошто не спринтуваше назад’. Помина половина час игра и кога си на таа надморска височина, верувајте, не можете да трчате. Немав воздух во белите дробови – објаснува Хоџ.