Челзи може да биде казнет од ФИФА со забрана за трансфер

69

По вторпат во својата историја, Челзи може да биде казнет од страна на ФИФА со забрана за трансфер, тврди британскиот весник „Тајмс“.

Причината, како и претходниот пат, би биле нерегулирани трансфери на играчи под 18 години.

Првпат таква санкција „сините“ добија во 2011 година, кога не им беше дозволено да купуваат играчи во период од два последователни трансфер периоди. Тогаш казната беше последица на жалбата на Ленс за начинот на кој Англичаните го привлекле нивниот талент Гаел Какута во 2007 година.

Какута, исто така, настрада, бидејќи неговите натпреварувачки права беа суспендирани на четири месеци и му беше изречена парична казна од 780.000 евра.

Тимот од Лондон потоа се обиде да ја обжали казната, но на крајот целосно ја отслужи.

Сега, Одборот за интегритет и усогласеност на правилата при ФИФА даде препорака на Челзи да им се воведе вето за четири трансфер периоди. Препораката следи по тригодишната истрага на ФИФА за 19 трансфери направени од „сините“, од кои 14 се однесуваат на фудбалери на возраст под 18 години.

Челзи се најде на нишан по откритието дека клубот ги прекршил правилата при привлекувањето на напаѓачот од Буркина Фасо, Бертран Траоре пред неговиот 18-ти роденден во 2014 година. Во моментов, 23-годишниот фудбалер блеска во дресот на Лион.

Во конкретниот случај, кој е само еден од неколкуте, Челзи ги прекршил правилата со тоа што во 2011 ги платил трошоците за школување на Траоре и помогнал за преселување на неговите мајка и брат во Англија. Во тоа време фудбалерот имал 15 години.