Црвен картон за намерно кашлање?

44

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

На фудбалерите што намерно кашлаат во правец на противниците или кон судиите ќе може да им се доделуваат црвени или жолти картони, според новите упатства издадени од Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) во услови на пандемија на ковид-19, објави „Ројтерс“. Инструкциите до судиите на натпреварите во услови на ограничувањата поради ковид-19 стапуваат во сила веднаш и ќе се применуваат на сите натпревари, во сите конкуренции и лиги.

Во документ на ФА се вели дека судијата треба да дејствува кога е „сигурен дека некој намерно, од непосредна близина, кашла во лицето на противничкиот играч или кон судијата на мечот“. Потоа, се додава дека „делото“ би спаѓало во категоријата „употреба навредлив јазик и/или гестови“.

Доколку инцидентот не е доволно тежок за да „заслужи“ исклучување, тогаш може да има казна за „неспортско однесување и непочитување на играта“. Во документот се додава и дека судиите не смеат да го казнуваат „рутинското“ кашлање и треба да ги потсетуваат играчите да избегнуваат плукање на тревата, иако тоа не претставува чин на недолично однесување.