„Целта е остварена, најавував дека треба да се стремиме кон повеќе“

63

Најавував дека не смееме да се задоволуваме само со играње во квалификации. Сега треба да гледаме напред, да одиграме најдобро што можеме и да се претставиме во најдобра светлина на ЕП, вели селекторот Ангеловски, чиј договор истекува на крајот на годинава и очекува наскоро средба со челниците на ФФМ, од каде што најавуваат разговори за плановите и за другите цели во иднина

ФУДБАЛ – ИГОР АНГЕЛОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

На селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, кој забележа историски успех со пласманот на Европското првенство (ЕП), на крајот од годинава му истекува договорот со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
– Да, договорот наскоро ми истекува и очекувам дека наскоро со челниците на ФФМ да седнеме на заедничка маса, да видиме како ќе се одвива натамошната соработка. Немам друго што да кажам на таа тема, сега се ралаксирам со семејството по напорната кампања и возбудливите мечеви во Лигата на нациите, кои кулминираа со големиот успех. Само ќе повторам дека целта е остварена, Македонија е на ЕП, тоа го посакувавме и го оствариме заедно со фудбалерите. Најавував дека не смееме да се задоволуваме само со играње во квалификации и оти треба да се стремиме кон повеќе и кон подобро. Тоа се оствари, сега треба да гледаме напред, да одиграме најдобро што можеме и да се претставиме во најдобра светлина на Европското првенство – вели Ангеловски.
Тој во минатите пет години е на селекторската функција во македонската фудбалска репрезентација.
– Секако дека ќе разговараме за плановите и за другите цели во иднина. Ние како федерација имавме една голема цел, го реализиравме сонот за пласман на ЕП, на радост на целокупната спортска јавност во Македонија. Имавме многу обврски во последно време, по големата победа над Грузија, следуваа други два натпревара и немавме време да го прославиме достојно големиот успех – ни изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

За 7 декември е закажана ждрепката за 10-те квалификациски групи за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Македонија е во четвртиот барабан, со селекции главно од соседството против кои нема да игра. Тоа се Албанија, Бугарија, БиХ, Словенија, Црна Гора, Израел, Белорусија, Грузија, Луксембург.
Можни ривали, пак, меѓу другите, се светскиот првак Франција, светскиот вицепрвак Хрватска, европскиот шампион Португалија (од репрезентациите од првиот барабан), Велс, Србија, Турција (барабан два), Русија, Грција, Шкотска (барабан три), Естонија, Ерменија, Косово (барабан пет), Малта, Молдавија… (барабан шест).
– Македонија е во четвртиот барабан, што е уште еден показател за напредокот во секој поглед. Нема лесна група, само тешка и потешка, а во секоја ќе има по две, па и по три екстра-квалитетни репрезентации што ќе бидат фаворити за освојување на првото, па и на второто место, кои водат на Светското првенство. Македонија е во подем, треба да се одигра максимално ангажирано, но ќе биде тешко, конкуренцијата ќе биде многу силна – вели Ангеловски.