Хардер од Волфсбург во Челси за рекорден трансфер?

123

Хардер ја сметаат за една од најдобрите фудбалерки во светот

ФУДБАЛ

Англискиот првак во фудбал за жени, Челси, ја ангажира данската фудбалерка Перниле Хардер (27) од германски Волфсбург за сума што се претпоставува дека е околу 300.000 фунти, што би претставувало рекордно обесштетување досега во фудбал за жени, пишува британскиот „Гардијан“. Хардер ја сметаат за една од најдобрите фудбалерки во светот (ја доби наградата на УЕФА за најдобра фудбалерка во Европа во 2018 година).
– Земајќи го предвид фактот дека имаме работа со рекордна сума за трансфер за жени, без да навлегувам во прецизноста на вклучената сума и дека Перниле ќе беше со нас уште 10 месеци и само што играше на финалниот турнир во Лигата на шампионите, решивме дека ова е фер решение за сите вклучени страни – изјави спортскиот директор на Волфсбург, Ралф Келерман, пренесе „Гардијан“.

Хардер освои четири последователни титули во Бундес-лигата со Волфсбург по приклучувањето во 2017 година и стигна до две финалиња во Лигата на шампионите, но ги загуби и двете на дуелите со Лион.
– Исклучително сум среќна и крајно возбудена што конечно сум тука и ќе бидам член на Челси. Возбудена сум што ќе играм за ваков голем клуб, со толку многу неверојатни фудбалерки. Англиската лига во моментот е многу возбудлива и навистина се радувам поради тоа – рече Хардер.

Хардер е родена на 15 ноември 1992 година. Досега настапувала за данските клубови Тулструп и Икаст во јуниорска конкуренција, а во сениорска за Виборг, Сковбакен, Линкопинс од Шведска и германски Волфсбург. Во 2018 година беше избрана за најдобра фудбалерка во Европа. За селекцијата до 17 години одиграла 23 средби (девет гола), за таа до 19 години 15 меча (13 гола), а за сениорската 118 натпревари (61 погодок).