Хамбургер првпат испадна од Бундес-лигата

706

Германската Бундес-лига во следната сезона ќе биде без Хамбургер, првпат од формирањето во 1963 година, по 18.958 дена. Хамбургер беше единствениот тим што во минатите 55 години беше постојан член во елитната лига (Баерн е член од 1965-та).

Славниот клуб во минатите децении освои шест титули првак на Германија, а во 1983-та беше и првак на Европа, под водство на Ернст Хапел и со Феликс Магат како капитен. Меѓу другите, за клубот од Хамбург настапувале легенди како Уве Зелер, Кевин Киген, Манфред Калц и други.

Во последното, 34-то коло, Хамбургер ја совлада Борусија Менхенгладбах со 2-1, но и тоа не беше доволно за да се избегне 17-то место (пред Келн) и испаѓањето од Лигата.
Пред почетокот навивачите ги дочекаа фудбалерите на Хамбургер и им дадоа поддршка, потоа ги бодреа во текот на мечот, но кога стана јасно дека нивните миленици ќе испаднат, помал дел од нив почна да дивее. Фрлаа факели на теренот, гореа и столчиња на трибините, поради што мечот беше во прекин петнаесетина минути. За среќа, полицајците влегоа на теренот и ги спречија да се симнат долу, а поголем дел навивачи ги исвиркаа и се свртеа против нив, извикувајќи: „Ние сме вистинските хамбуржани, не вие“.