ФФМ дел од регионалниот состанок во Букурешт

129

Фудбалската федерација на Македонија изминатите два дена беше дел од состанокот во Букурешт на кој учествуваа претседателите и генералните секретари на фудбалските федерации од 14 земји од Југоисточна Европа, и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Словенија и Турција.

Целта на состанокот беше организирање на работни сесии во насока на подготовка на заеднички нацрт активности за развој на фудбалот во регионот. Презентирана е заедничката иницијатива за создавање на регионално натпреварување за репрезентации до 15 години.

– Ова натпреварување носи одлична можност за развој на најмладите таленти преку градење искуство во меѓународни натпревари. Сметам дека едно вакво натпреварување ќе претставува одлична можност овие нови генерации на фудбалери да изградат искуство во репрезентативни натпревари, кое ќе им помогне за нивниот ангажман во иднина. Искрено се надевам дека оваа заедничка иницијатива ќе ја оправда нашата доверба, и дека ќе помогне во изградбата на нашите најмлади фудбалери во зрели личности на и вон теренот – нешто што е и наша заложба во изминатиот период и во иднина, изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

Претставниците на сите 14 земји учеснички на состанокот едногласно ја поддржаа заедничката декларација за кандидатурата на Александар Чеферин за претседател на УЕФА на претседателските избори во 2019 година.

– Проектите и замислите на Александар Чеферин се многу значајни за развојот на европскиот фудбал, а ние како Федерација цврсто веруваме дека тој заедно со целокупното семејство на УЕФА ќе продолжи да дава голем придонес и за напредокот на фудбалот во нашиот регион, вели Муамед Сејдини, в.д. претседател на Фудбалска Федерација на Македонија.