Фудбалска Македонија слави четврт век од првиот меч на репрезентацијата

127
Зоран Бошковски го постигнува првиот гол за Македонија

На 13 октомври 1993 година во Крањ, Македонија ја совлада Словенија со 4-1, во пријателски натпревар. На истиот датум годинава Македонија во Скопје треба да го одигра многу важниот меч со Лихтенштајн, на патот кон плејофот во Лигата на нации, за можност потоа и за директен пласман на ЕП 2020

За неколку дена, поточно на 13 октомври, се навршуваат 25 години од првиот официјален натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија. Станува збор за пријателскиот историски дуел против Словенија во Крањ, на 13 октомври 1993 година, кој Македонија го доби со 4-1.

Оттогаш Македонија одигра вкупно 222 натпревари (натпреварувачки, пријателски и ревијални), со променлив (не)успех. По тој прв натпревар во Крањ, желбите и очекувањата на љубителите на фудбалот во Македонија беа пласман на европско (ЕП) или светско (СП) првенство, но објективно тоа беше далеку над реалните можности.
Но дали фудбалска Македонија на репрезентативен план можеше повеќе е тема за некој друг напис. Овој текст е потсетување на убавите мигови, на првиот натпревар и на првата победа на Македонија, на една т.н. „златна“ генерација на македонскиот фудбал, предводена од Дарко Панчев, Илија Најдоски, Чедомир Јаневски, Драган Канатларовски и другите со Андон Дончевски како селектор.

Македонија во тоа време имаше квалитетен состав, со многу докажани имиња, интернационалци што настапуваа во силни европски клубови, и очекувано релативно лесно излезе накрај со Словенците. Стрелец на првиот историски гол беше Зоран Бошковски-Чоко, фудбалерот на кратовски Силекс, уште во третата минута.
– Горд сум на голот-првенец за Македонија, ќе го паметам засекогаш. Дарко Панчев нафрли од левата страна, јас ја следев акцијата, натрчав на топката и гол, радоста беше голема. Прв меч за Македонија, под ново знаме, химна, тоа беше нешто посебно, не се заборава. Атмосферата на стадионот во Крањ беше прекрасна, имаше неколку илјади Македонци, кои дојдоа да нѐ поздрават, да нѐ бодрат.

Словенците веќе имаа одиграно неколку репрезентативни натпревари, имаа поголем искуство и на некој начин беа фаворити. Но и Македонија имаше доста квалитетен состав тогаш, многумина играа во странски клубови, добро се познававме. Повеќето се подготвувавме во Скопје, а некои ни се придружија пред мечот во Словенија, но сѐ беше супер, игравме прв натпревар за Македонија – вели Бошковски.
Чедомир Јаневски зголеми на 3-1 во 48. минута од пенал, кој во тоа време настапуваше во Белгија, за Шарлроа.

– Убави спомени ми навираат, а ете помина веќе четврт век од тој меч. Не се двоумев дали ќе играм кога ја добив поканата за настап, тоа ми причинуваше големо задоволство, иако во тој период имав проблеми со повреда. Прв меч за самостојна Македонија, сѐ беше ново за сите нас во секој поглед. До Крањ дојдов од Милано со автомобил со Панчев, кој тогаш беше во Интер, и со Најдоски. Атмосферата беше супер, сите добро се познававме, бевме клупски колеги во Вардар, можевме да играме и со „заврзани“ очи што се вели – се потсетува на тој меч Јаневски, кој сега е во Белгија и моментно е без тренерски ангажман.

Во минатите 25 години Македонија не може да се пофали со неки позабележителни успеси на меѓународен план. Во квалификациските кампања, било за ЕП или за СП, Македонија беше поблиску до дното, па и на дното последниве години, отколку до првите две места на табелата што водеа на завршните турнири.
– Има многу причини за такво нешто. Таа прва моја генерација, така да ја наречам, во почетокот и во средината на 90-тите години од 20 век беше на залезот од кариерата, речиси сите бевме на возраст од над 30 години. Потоа следуваа генерации фудбалери од кои малкумина играа во посилни клубови и лиги, немаа поголемо искуство, силни натпревари во континуитет, што се одразуваше и на нивните игри во репрезентацијата. Можевме да одиграме добро еден, па и два меча, да добиеме некоја објективно посилна репрезентација, но константно не игравме добро и немавме добри резултати. Македонија добро почна во новоформираната Лига на нациите, забележа две победи на двата меча. Ако победиме или не загубиме на гости од Ерменија, првото место во групата не ни бега. Потоа ќе следува плејофот, се надевам дека и таму ќе бидеме успешни. Станува збор за селекција што е спој на искусни и на млади играчи, предводена од екстра-квалитетен играч, каков што е Горан Пандев. Но има и неколкумина помлади, но одлични играчи, како Енис Барди, Езгјан Алиоски, Илија Нестороски, Бобан Николов, Дарко Велковски и други, кои играат во силни клубови и лиги ,што е многу битно – вели Јаневски.

На истиот датум, 13 октомври, но годинава, Македонија во Скопје треба да го одигра многу важниот меч со Лихтенштајн, на патот кон плејофот во Лигата на нациите, што ќе донесе можност и за директен пласман на Европското првенство во 2020 година.


СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4

13 октомври 1993 година, Крањ, пријателска средба
Стрелци: 0-1 Бошковски 3. минута, 0-2 Панчев 37 (пенал), 1-2 Пате 40, 1-3 Јаневски 48 (пенал), 1-4 Канатларовски 51. минута. Жолти картони: Глиха, Георгиевски и Најдоски. Градски стадион во Крањ „Станко Млакар“. Гледачи: 3.000. Судии: Драгутин Карло Пољак (главен), Дарко Цвитковиќ, Иван Петек (сите од Хрватска).
СЛОВЕНИЈА: Марко Симеунович (од 58. минута Бранко Зупан), Грегор Жидан (58. Алфред Јерманиш), Џони Новак, Дарко Миланич, Грегор Блатник, Андреј Пољшак (61. Роберт Енгларо), Алеш Чех, Самир Зулич (37. Јанез Пате), Златко Захович, Сашо Удович (46. Примож Глиха), Матјаж Флоријанчич. Селектор: Бојан Прашникар.
МАКЕДОНИЈА: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63. Неџмедин Мемеди), Зоран Јованоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86. Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12. Горан Георгиевски, 73. Сашо Милошевски), Тони Мицевски. Селектор: Андон Дончевски.


25 години македонска фудбалска репрезентација
За Македонија – 258 фудбалери, 16 селектори, 25 капитени…

За 25 години постоење, точно 258 фудбалери играле за репрезентацијата на Македонија. Најмногу пати црвено-жолтиот дрес го облекувал Гоце Седлоски, 100 пати, а од актуелните репрезентативци – Горан Пандев 96 пати. Најмлад репрезентативец досега е Дарко Чурлинов, кој лани заигра на пријателскиот меч во Скопје, со Белорусија, на возраст од 16 години и 260 дена.

Точно 22 голмана досега го бранеле голот на Македонија, вкупно 16 тренери биле селектори (тројца в.д.), а дваесет и петмина ја носеле капитенската лента (најмногу Седлоски, 47 пати и Пандев, 44, а вкупно седуммина на двоцифрен број мечеви). Точно 10 фудбалери одиграле барем 50 меча за Македонија, вкупно 46 се со 25 и повеќе натпревари во црвено-жолтиот дрес и 93 со најмалку 10 средби за Македонија.

На 222-та меча досега 14 црвени картони добија македонските фудбалери, а исклучени беа и тројца селектори, на вкупно 15 меча, од тоа 11 во квалификациите. На тие 15 натпревари играни со по еден фудбалер помалку Македонија четири пати победила, двапати ремизирала и девет пати загубила.