Фудбалската стратегија на Мончи – продај за да растеш

135

Создавањето систем што може да ги најде вистинските играчи по соодветна цена останува приоритет. Алгоритамот што го развиваме во клубот анализира над 18.000 играчи, вели за „Би-би-си“ спортскиот директор Рамон Родригез Вердехо, во светот на фудбалот попознат како Мончи, за начинот на работа на шпанската Севилја во минатите дваесетина години

Рамон Родригез Вердехо (52) во фудбалот е повеќе од 30 години, но малкумина го познаваат под тоа име. Повеќето го знаат само како Мончи. Тој пред две децении го замени голманскиот дрес со костум и несомнено е една од најпрепознатливите и најпочитувани личности во родниот град Севилја, каде што ја помина речиси целата кариера, главно како резервен голман, до пензионирањето во 1999 година.
Следната година беше назначен за спортски директор. Во тоа време, без искуство и со Севилја во шпанската Втора лига, Мончи ги проучуваше методите на другите клубови за да најде инспирација за своите методи. Порто и Лион беа меѓу првите што му го привлекоа вниманието, клубови што освојуваат титули, потоа ги продаваат своите најдобри играчи и почнуваат одново. Главната лекција беше да се прифати дека ќе изгубите најдобри играчи, но и да се осигурите дека ќе ги замените со некои со слични квалитети за многу помалку пари, пишува во написот на „Би-би-си“
Во текот на првите две години на Мончи, Севилја не потроши ништо на трансфери, но, сепак, успеа да создаде тим што се врати во Ла лига. Во 2002 година Мончи доби зелено светло да ја направи првата инвестиција. За 500.000 евра беше ангажиран бекот Дани Алвеш, на заем од бразилскиот Баија. Шест години подоцна, Барселона плати 23,5 милиони фунти за него. Револуцијата на Мончи почна. Севилја ужива во 20 последователни сезони во Ла лига, а сфаќањето на Мончи, „продај за да растеш“, стана клупска филозофија. Успесите во минатите години се импресивни: триумфи во Копа дел Реј во 2007 и 2010 година, во Купот на УЕФА во 2006 и 2007, во Лига Европа во 2014, 2015, 2016 и 2020 година. Мончи имаше голема придонес во сето тоа, и покрај тоа што за кратко, во потрага по друг предизвик, замина на две години во Рома, од 2017 до 2019 година. До заминувањето тој му помогна на клубот да заработи околу 200 милиони евра од трансфер-зделките.

Трансферот на Иван Ракитиќ (32) летово е типичен за Мончи. Хрватскиот интернационалец беше ангажиран од Шалке во 2011 година за 2,5 милиони евра. Во 2014-та замина во Барселона за 20 милиони. Во септември, Севилја го врати за 1,5 милион евра. Но работите се променија во 2020 година, со ковид-19, и ги забрзаа промените во клубот што веќе беа во тек, односно да му се даде приоритет на новиот оддел за истражување и за развој на клубот, создаден во мај 2019 година. Процесот на скаутирање во фудбалот брзо се развива, а новите форми на статистички податоци стануваат сѐ поценети и се имаат предвид при одлуките за трансферите.
– Го споредуваме субјективното гледање на нашите скаути со објективните статистички податоци. Фактот што речиси секогаш се согласуваме нѐ охрабрува да носиме одлуки. Создавањето систем што може да ги најде вистинските играчи по соодветна цена останува приоритет. Алгоритамот што го развиваме во клубот анализира над 18.000 играчи – вели Мончи за „Би-би-си“. 


„Станувам рано за да вежбам, но и за тоа време работам“

Им должам многу на семејството, на пријателите, па и себеси. Треба да им го вратам тоа време. Ја познавам мојата сопруга уште од 15-та година, моите деца, на возраст од 27 и 21 година, беа воспитани во овие околности. Јас му давам приоритет на клубот толку многу што ја жртвувам мојата благосостојба. Но се сметам за привилегиран, го правев она за што сонував кога бев дете. Шест часа сон ми се доволни. Станувам рано за да вежбам, но и за тоа време работам, бидејќи се вклучени мојот телефон и компјутер. Исклучувањето нема смисла во мојата позиција. Ова ќе потрае додека се чувствувам среќно. Одам на работа со иста амбиција. Ќе си заминам кога ќе се почувствувам вознемирено штом ќе ја отворам вратата од канцеларијата, вели Мончи.